Тапанарот на бендот „Блинк-182“, Тревис Баркер, вчера итно бил хоспитализиран во Лос Анџелес во придружба на сопругата Кортни Кардашијан поради панкреатитис, јавуваат странските медиуми.
ТМЗ наведува дека лекарите веруваат дека тоа било предизвикано од колоноскопија. Извори блиски до семејството велат дека музичарот неодамна поминал низ таа процедура.
„Тревис беше болен и имаше интензивни стомачни болки и тоа навистина ги загрижи него и Кортни“, изјави извор за Entertainment Tonight.
Обожавателите на Баркер беа загрижени поради неговата последна објава на Твитер, во која тој накратко напиша: „Боже, спаси ме“. Инаку, „God Save Me“ е насловена и песната од неодамна објавениот албум на Machin Gan Kelly, кој го продуцираше Баркер.
Песната, напишана од Баркер, делумно зборува за зависност од дрога, закрепнување, ментална нерамнотежа и слава. Тапанарот беше хоспитализиран во 2018 година поради згрутчување на крвта во рацете. Тој исто така страдал од стафилококна инфекција и целулитис, бактериска инфекција која може да предизвика оток, воспаление и болка.
Авионска несреќа во 2008 година го остави Баркер со изгореници од трет степен на повеќето делови од телото. Во несреќата загинаа шест лица.