Една девојка истрча на теренот на натпреварот помеѓу Белгија и Финска во Санкт Петербург. Иако на почетокот не беше јасно зошто го стори тоа, медиумите полека, но сигурно ги пронајдоа причините зошто згодната дама „се најде“ во рацете на обезбедувањето на стадионот Зенит.
Имено, таа носеше маица со натпис „WTF Coin“, со веб-адреса каде што е можно да се добијат подетални информации за тоа како да ја преземете и размените оваа криптовалута, која е конкурент на најпопуларната дигитална паричка – биткоин. Нејзиниот мал перформанс го прекина судирот помеѓу Белгија и Финска во Русија, кој на крајот заврши со резултат 2:0 во корист на „црвените ѓаволи“, кои завршија на првото место во групата.
Откако успешно ја прескокнала оградата и за чудо го заобиколила обезбедувањето, девојката успеала да стигне до скоро линијата што го дели полето на половина, но потоа ја „грабнаа“ припадниците на безбедносните служби. За тоа време, играчите на двата тима заедно со славниот Феликс Брих како судија имаа можност да го проследат овој настап.
Female streaker interrupts Belgium’s win over Finland to promote cryptocurrency #Euro2020 https://t.co/j83u2rm9dX pic.twitter.com/QZ2jvE8KzQ
— Daily Star Sport (@DailyStar_Sport) June 22, 2021
Начинот на кој обезбедувањето успеа да ја извади девојката од теренот е исклучително интересен. Еден од членовите постојано ја држеше јакната над нејзините гради, а покрај тоа тој користеше некаков вид леток за да ја скрие пораката на маицата. Без оглед на сè, таа сепак стигна до етерот и луѓето сега масовно бараат информации за оваа криптовалута.
За да биде сè уште поинтересно, едно лице истрча на теренот за време на натпреварот помеѓу Данска и Русија на „Паркен“ во Копенхаген. Сепак, овој пат не се работеше за ниту еден промотор, туку веројатно за лут навивач на Русите кои загубија со убедливи 1:4. Го носеше дресот на руската репрезентација.
Да потсетиме, ова е само продолжение на трендот на „влетување“ на навивачи на теренот, откако Кинси Волански „заработи“ уште 2.000.000 следбеници на Инстаграм во финалето од Лигата на шампионите во 2019 година помеѓу Ливерпул и Тотенхем.
Ќе видиме како ќе помине оваа дама, чиј идентитет сè уште не е откриен.