Холандскиот визуелен уметник Јонас Стаал (Jonas Staal) и рускиот колектив од уметници, критичари, филозофи и писатели „Что делат“ (Што да се прави?) подарија уметнички дела на Музејот на современата уметност – Скопје, така што, уметничката колекција на музејот е збогатена со уште неколку значајни дела.
Уметникот Јонас Стаал ја подари својата инсталација „Нови Сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која е дел од изложбата „Се што ни е заедничко“ курирана од Мира Гаќина и Јованка Попова. Додека, рускиот колектив „Что делат“ го подарија нивното видео „Becoming With the Museum“ за постојаната поставка, која ќе се отвори годинава во МСУ. Ова видео беше продуцирано од „Контрапункт“ и развиено преку перформанс во рамки на „Крик фестивалот“, кој во 2017 година се одржа во МСУ.
„Светски познатите уметници се свесни за значењето на нашиот музеј, затоа и донираат свои дела. Музејот на современата уметност – Скопје е симбол на солидарноста на некогашно солидарно Скопје. По катастрофалниот земјотрес 1963 година, се разбуди светската солидарност, не само во материјална помош за срушеното Скопје, туку и за подигнување на духот на настраданите. Многу светски реномирани уметници донираа свои дела во тоа време. Така почна и да се создава уметничката колекција на музејот. Денес, МСУ располага со богата уметничка колекција… од Пикасо, преку Калдер, Џаспер Џоунс, до Вазарели и многу други. Тој тренд интензивираше последниов период.“ вели директорката на МСУ – Скопје, Мира Гаќина.
Инсталацијата „Нови сојузи“ од Стаал е уметничка и политичка кампања, чија појдовна точка е тековната политичка, економска, хуманитарна и еколошка криза во Европа со цел да ги здружи претставниците на трансдемократските движења и организации за да предложи сценарија за некои нови идни сојузи. Воопшто, делата на Стаал се однесуваат на врската помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата и се изложувани во Музејот Stedelijk во Амстердам, M_HKA во Антверпен, Музејот модерна во Стокхолм и Уметничкиот центар Nam June Paik во Сеул, како и 7 Берлинско биенале, 31 биенале во Сао Паоло и 12 биенале во Тајпеј.
Подареното видео од рускиот колектив го документира процесот во кој „Что Делат“ работат со група млади уметници и создаваат перформанс, кој го прикажува односот на учесниците со избраните уметнички дела од колекцијата на МСУ. Делото го поврзува макронаративот на различните уметнички дела (кога и како се создаваат, нивното општествено значење) со микронаративот на секој изведувач, кој преку своето тело и лирски текст го објаснува односот со избраното делото. Делото е освежувачко мапирање на музејот и историјата на младата генерација што го активира трансформативниот потенцијал на музејот. Колективот „Что делат“ (Што да се прави?) има за цел да ги спои политичката теорија, уметноста и активизмот. „Что делат“ се залагаат за еднаквост на сите луѓе, борејќи се против различните форми на патријахатот, хомофобијата и родовата нееднаквост. Своите идеи ги пренесуваат преку: филм, театарски претстави, радио програми, мурали, јавни кампањи и семинари.
Рускиот колектив има соработувано со Документа 12 во Касел во 2007 година, 11-то издание на Биеналето Гвангжу во 2016 година, Програма за практика на Гараж Музејот во Москва во 2017 година…. И имаат изложувано на многу светски биеналиња, уметнички галерии и музеи низ светот како во Шангај, Москва, Мексико Сити, Берлин, Сан Паоло, Ливерпул, Њујорк, Лондон, Љубљана…
Претходно и светски реномираната кубанска уметница Тања Бругуера, која живее и работи на релација Њујорк – Хавана ја подари на МСУ – Скопје својата видео инсталација со наслов „Само-Саботажа“.