ПОЗНАТО КОЈ ГО ЗАПРЕ ПРОИЗВОДСТВОТО ВО ФАБРИКАТА НА TESLA ВО ГЕРМАНИЈА: „Нападите врз нашата критична инфраструктура се облик на тероризам“

од Vladimir Zorba
306 прегледи

Групата „Вулкан“, класифицирана како левичарски екстремисти, ја презеде одговорноста за нападот врз постројката за снабдување со електрична енергија во фабриката Tesla во близина на Берлин.

Тие најавија дека станува збор за протест против американски производител на автомобили. „Денес ја саботиравме Tesla“, се вели во писмото на групата во вторникот.

Поради губење на струја, производството во Tesla престана, а без струја останаа и многу домаќинства во околината.

Бранденбуршкиот премиер, Дитмар Вајдке остро го осуди подметнувањето пожар.

„Нападите на нашата критична инфраструктура се форма на тероризам“, рече Вајдке.

Полицијата претходно соопшти дека го истражува првичното сомнение за подметнување пожар.

Погонот беше опожарен рано изутрината. Производството во единствената европска фабрика на Tesla во Гринхајд е запрено, а работниците се евакуирани.

Таблоидот „Билд“ претходно објави дека пожарот го предизвикале еколошки активисти кои се наоѓаат во делот од шумата каде Tesla планира да ја прошири фабриката.

Компанијата на Елон Маск не очекува брз почеток на производството.

Околу 80 до 100 активисти од четвртокот ја „окупираа“ шумата во близина на фабриката, противејќи се на плановите за проширување.

Активистите планираат да издржат што е можно подолго, останувајќи во десетина куќички на дрво што ги изградија.

Граѓанската иницијатива „Грин Хајд“, исто така, се противи на плановите за проширување на компанијата и ги поддржува активистите.

Tesla произведува електрични автомобили во Гринхајд речиси две години. Според последните податоци на компанијата, таму работат околу 12.500 луѓе.

Групата „Вулкан“ веќе е осомничена за подметнување пожар во електроенергетскиот објект на градилиштето Tesla во 2021 година.

Слични содржини