Познатиот бугарски бизнисмен, политичар и поранешен припадник на Државната безбедност, Алексеј Петров, бил убиен денеска во Софија.
Како што пренесува порталот „Нова.бг“, тој бил застрелан со митралез. Го чувале тројца телохранители, но тие биле далеку од него.
Дојавата за пукањето во бугарската полиција стигнала во 12 часот и 20 минути, а на местото веднаш биле испратени екипи кои пронашле безживотно тело на маж и една повредена жена.
Таа во тешка состојба е пренесена во болницата „Пирогов“ и се наоѓа во индуцирана кома на одделението за интензивна нега.
Се уште никој не е осомничен за убиството на Алексеј, а истрагата е во тек.
Да потсетиме, Петров беше припадник на Специјалната единица за борба против тероризмот, по што влезе во светот на бизнисот.
На пошироката јавност ѝ е познат како сопственик на осигурителни компании и основач на осигурителната компанија „Аполо и Болкан“ во 90-тите години на минатиот век, јавува „Радио Бугарија“.