Во врска со одлуката на Црна Гора, Бугарија и Северна Македонија да не дозволат прелетување на авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на пат за Белград, Стејт департментот соопшти дека тие како суверени држави донеле суверени одлуки за воздушниот простор, што ја одразува решеноста на Европа да ја повика Русија на одговорност за нападот на Украина.
Портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, на прес-конференција изјави дека Соединетите Држави ја повикуваат Србија да се фокусира на својата цел за членство во ЕУ, вклучително и усогласување на нејзината надворешна и безбедносна политика со остатокот од Европа, пренесе „Гласот на Америка“.
– Постојано ја повикуваме Србија да преземе чекори за напредување на европскиот пат, вклучително и диверзификација на изворите на енергија, намалување на енергетската зависност од Руската Федерација и усогласување на надворешната и безбедносната политика со Европската унија. И понатаму сакаме да бидеме партнер на Србија и да ѝ помогнеме во напорите за зајакнување на енергетската безбедност на долг рок – рече Прајс.
На прашањето на „Гласот на Америка“ како САД и НАТО ќе ги заштитат Црна Гора, Северна Македонија и Бугарија, кои го затворија воздушниот простор за авионот од кој Лавров требаше да патува во Србија, според американскиот медиум, Прајс одговори дека се сите три членки на НАТО, а посветеноста на членот 5 во однос на сите три е обврзувачка, јавува „Гласот на Америка“.