Вчерашната смрт на затвореник во најголемиот затвор во Република Македонија “Идризово” директно ме натера да ги напишам овие редови и со јавноста да го споделам она што веќе подолго време го знам како факт за состојбата во македонските затвори и нечовечкиот, нехуман, а пред се незаконски третман на затворениците во нив.

Вчера по којзнае кој пат дознавме за нов случај на смрт на затвореник, овојпат затвореник од с.Радожда на издржување казна затвор во КПУ “Идризово” кој изненадно починал?!?!?!?! Зошто ова не ми е чудно? Можеби затоа што истата случка се претвора во пракса и за смрт на затвореници во македонските затвори секојдневно се објавуваат вести. Се навикнавме малку по малку па да слушнеме вест дека затвореник од наводно нејасни причини повторно починал во некој од затворите во Р. Македонија, а најчесто во најголемот од нив – затворот Идризово.
Соопштенијата од затворските управи и директорот, како и Управата за извршување на санкции при Министерството за правда, во секој поединечен случај се идентични и секогаш според нив излегува дека управата во никој случај на никаков начин не може да биде виновна за смрт на затвореник затоа што “преземала” се што е потребно во конкретниот случај, а Управата за извршување на санкции секогаш идентично соопштува дека со проверки е утврдено дека службите во затворот преземале се, но ете (види чудо!), настанала смрт.
Независно од тоа што тие изјавиле, вистината е следна: состојбата во македонските затвори, пред се, во најголемиот затвор Идризово, благо кажано е ужасна во секој можен поглед. Има наука во правото која се нарекува пенологија која се занимава со се што е поврзано со извршување на санкциите. По се изгледа дека оваа наука од правото не е стигната во нашите затвори.
До кога затворениците треба безмалку да умрат за да добијат минимална медицинска помош? До кога медицинските лица во затворите повеќе ќе се однесуваат како стражари во истите, а не како стручни лица кои ја дале Хипократовата заклетва? До кога за најобичен стоматолошки преглед, или не дај Боже, вадење заб, ќе се чека со месеци, а специјалистички преглед на кој затвореникот има право, ќе биде безмалку мисловна именка? До кога давањето на медицинската терапија за хронично болни затвореници, која законски им следува, во најголем број случаи, треба да биде обезбедувана од самите затвореници, а давана по наоѓање и во интервали кога за тоа ќе одлучи семоќниот амбулантски лекар од затворот? Како е можно и која е таа човечка структура на личност во ситуација кога некој неколкупати ве моли да му извршите преглед и ви се жали дека не се чувствува добро, вие, најчесто дрско, да му одговарате дека не му е ништо и да го враќате во неговата затворска соба? Значи, да резимираме, во врска со медицинската нега истата е на ниво блиску до нула.
Ситуацијата воопшто не е подобра ниту во однос на условите за престој на затворениците. Една обична посета на најголемиот затвор Идризово ноторно ќе ви го потврди тоа. Првиот впечаток кој го добивате е запрепастувачки и првото нешто што ви паѓа на памет е дека имате недоминливо и јако чувство дека времето всушност застанало во таа установа, најблаго речено, во периодот од првата половина на минатиот век и дека можеби на таблата на оваа установа подобро би стоел насловот казамат (апсаана, темна зандана), отколку казнено-поправна установа. Затворениците сами, од свои средства, преку своите роднини, носат скоро се, ќебиња, душеци, перници, а за храна и да не зборуваме. Инаку ќе смрзнат од студ и ќе останат гладни.
Посебна приказна е таканареченото приемно одделение, во кое престојуваат веднаш по доаѓањето во затворот најмалку 40-50 лица. Еднакво е на освојување на главна награда во Лотарија на Америка да најдете слободно место за легнување, дури и на подот, на некаков текстил кој ви е даден од управата, што ако оптмистички гледате на светот, можете да го наречете душек.
Дали некому е нормално во дваесет и први век, капењето да следува еднаш на две недели летно време и еднаш месечно?!?!?! зимно време. Дали некому е нормално летно време на температура од 40 степени да нема вода во затворска – притворска соба? Дали некому е нормално да среде зима има греење само два – три часа во денот?
Се поставува прашањето, зошто е сеуште присутно во дваесет и првиот век, физичко казнување и повредување на затворениците, најчесто од обест, или само од причини познати на командирите задолжени за чување на затворениците. Македонија е една од последните земји во светот, во Европа сигурно последна, каде што сеуште постои физичко казнување на затворениците, секако по самостојна оцена на командирот за причините за тоа, или личниот анимозитет кон одреден затвореник. Сетете се само за случајот од пред две – три години, кога поради повредите од тепање на затвореник, во скопскиот клинички центар на затвореник му беше изваден едниот бубрег. Каква врска има ваквото нечовечко однесување со обврската на управата на затворите за спроведување на ресоцијализација на осудените лица? Не дај Боже да се случи некаков инцидент во затворот. Тогаш сите по ред затвореници од тоа одделение, независно дали се виновни, или не, физички се казнуваат. Се работи за тортура, а не за ресоцијализација. Прашање е дали се знае што всушност претставува поимот ресоцијализација, што е и целта на издржување на казната затвор. Некој ќе рече, ама тоа се затвореници, направиле кривични дела и ако им е, но не е така. За тоа што го сториле секако дека треба да се оддолжат кон општеството и затоа издржуваат казна, меѓутоа тоа издржување на казна не треба да биде под минимумот од загарантираните основни човекови права, без почитување на човечката личност и интегритет, со кршење на сите општоприфатени стандарди за извршување на казна затвор.
Тоа што секоја година, ама баш секоја, претставниците на CPT (Committee for prevention of torture ) или Комисијата за превенција на тортура укажува на ужасните услови во македонските затвори, со целосно непочитување на личноста на затвореникот и негово понижување до најголема можна мера, воопшто не е релевантно, бидејќи ништо од тоа и никогаш не се применува, а информациите за посетите на ова тело, се секогаш полускриени и нецелосно објавени.
Во оваа насока би одел и фактот за настанот кој се случи пред две – три години во установата за малолетници во Велес, каде беше толерирано сексуално изжвување на осуденици кон малолетник, за кое нешто беше поведена кривична постапка против лица од установата, која заврши со бенингни кривични пресуди, изразени во вид на условни осуди. Дали некој мисли дека овие злоставувани малолетници, во долг период и на така брутален начин, утре ќе можат да се развијат во корисни членови на оваа наша заедница? Чисто се сомневам.
Постојаното мантрање од страна на официјалните лица, дека ете, се градат нови крила во затворите и дека секојдневно се подобруваат условите не ја подобрува постојната ситуација, кога ситуацијата на терен е сосема поинаква.
Доколку некој не верува во ова, само прашајте било кој затвореник, по случаен избор, за нивниот третман и условите каде престојуваат, а за медицнската грижа и да не зборуваме и се ќе ви биде јасно од нивниот одговор.
Ниту еден затвор во светот не е убав, инаку не би носел таков назив – затвор и разбирливо е дека затворите во богатите европски земји имаат подобри услови од затворите во Македонија. Меѓутоа, она што се случува во нашите затвори и условите во кои што престојуваат затворениците немаат никаква врска со економската моќ на државата и истото претставува ништо друго туку чиста дефиниција за тортура во секој можен поглед. И уште нешто, за да не се правдаме со сиромаштијата на земјата како основа за грозните услови во затворите, споредете ги затворите во една Србија со затворите во Македонија. Ќе се засрамите кога ќе видите каква е разликата помеѓу условите таму и тука.
Се ова што го набележувам овде е резултат на лично забележување и досега долг низ на години сум се обидувал преку обраќање кон разни институции и лично во разговор со членови на затворски управи, малку од малку да придонесам кон подобрување на условите во истите. За жал неуспешно, а не сум сигурен и дека условите нема да се подобрат уште долго време во иднина.
Адвокат Сашко Дукоски