Пратеничката група на СДСМ ќе делува државнички и во интерес на граѓаните, порача Ковачевски

од Nikola Popovski
143 прегледи

Парламентарната група на СДСМ ќе постапи достоинствено и државнички како и во изминатите 31 година во државата, парламентарната група на СДСМ заедно со коалиционите партнери е таа која што ги донела сите значајни, веќе кажав тешки, но далекугледи одлуки за државата, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање.

Благодарение на пратеничката група на СДСМ и на коалиционите партнери ние денес сме членка на НАТО и благодарение на парламентарната група на СДСМ и коалиционите партнери ние денес имаме опточнати преговори со ЕУ, со веќе дефинирана преговарачка структура и со првиот состанок веќе одржана на 19-ти и со деталните состаноци кои што започнуваат на 15 септември, односно за 6 дена од денес, додаде премиерот по презентацијата на апарат за зрачна терапија за онколошки пациенти во Градската болница „8 Септември“.

Ковачевски нагласи дека пратениците од владината коалиција исто ќе постапат и при било кое гласање во парламентот, „за разлика од други пратенички групи“.

-Тие никогаш не поддржале ниту една стратешка одлука на државата и тоа што не поддржале ниту една стратешка одлука на државата не им дава за право да бараат донесување на одлуки кои што ќе го закочат патот на државата кон ЕУ, затоа зошто сега при отпочнати преговори колку брзо ќе се движиме зависи од сите нас, така ќе се однесува пратеничката група на СДСМ, значи како и до сега државнички, во интерес на граѓаните, рече премиерот и лидер на СДСМ.