Собранието вчера попладне го усвои Буџетот за 2025 година. Тој беше донесен со со 69 гласови „за“ и 5 „против“. Вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди, додека расходите се планирани на ниво од 400,2 милијарди денари, при што буџетскиот дефицит е проектиран на апсолутен износ од 41,3 милијарди денари или 4% од планираниот БДП.
Со Буџетот за 2025 година, како што рече министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, се „најавуваат промени во политиката со цел да се постигне план за фискална консолидација, да се обезбеди фискална одржливост и да се поддржи економскиот раст“.
„Следната 2025 година ќе биде година на инвестиции кои ќе обезбедат додадена вредност и инвестиции кои ќе го отклучат тркалото и ќе не одведат чекор погоре во постигнување повисоки стапки на економски раст“, рече министерката.
Буџетот за 2025 година предвидува економски раст од 3,7 отсто, додека инфлацијата е проектирана на 2,2 отсто.
Карактеристика на овој буџет е понискиот тренд на раст кај расходите во однос на трендот на раст на приходите. Односно проектираниот раст на приходите е 13%, а кај расходите за 10% во однос на 2024 година, што пак придонесува кон консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари.
За реализација на развојната компонента со Буџетот се планирани 47,2 милијарди денари или со околу 4,6% учество во БДП на годишно ниво, што ќе овозможи создавање предуслови за нов циклус на економски раст.
Со Буџетот се обезбедуваат средства за редовна исплата на плати, пензии кои истовремено ќе бидат зголемени за 2.500 денари од март 2025 година, за исплата на социјална права, како и за редовно сервисирање на обврските.