По неколкучасовна дебата за избор на Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа меѓу пратениците од власта и опозицијата, потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина 88. седница и повика утре да се продолжи со дискусија.
Премиерот Димитар Ковачевски на денешната дебата во Собранието за предлогот Ристо Пенов да биде нов министер за локална самоуправа, отворено побара поддршка од пратениците за гласањето за негово назначување на функцијата.
-Вистински човек во вистинско време на вистинско место. За него говорат инфраструктурните проекти во град Скопје, спортските сали, паркови, плоштади…Очекувам и барам господинот Пенов да внесе дополнително знаење и искуство во својот тим и во другите ресори. Убеден сум дека Владата со Пенов во министерството за локална самоуправа ќе направи повеќе и на локално и на централно ниво. Затоа ја барам вашата поддршка. Јас верувам во Ристо Пенов, рече меѓу другото Ковачевски во својот говор пред пратениците во Собранието.
Расправата ќе продолжи и во текот на наредните денови додека не биде исцрпена со оглед на тоа дека е голем бројот на пријавени за збор, а на истата собраниска седница чека и гласањето за избор на уставните судии Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева откако претходната недела заврши расправата и за двајцата кандидати.