Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски тврди дека е сигурен оти пратениците од неговата партија нема да гласаат за уставните измени.
За мене е важно на оние на 44 пратеници кои што доаѓаат на нашата коалиција и знам дека нема да гласаат под овие околности и нема да прифатат бугарски диктат. Ние како идна Влада сме подготвени да седнеме и да разговараме за да ги промениме околностите кои се на маса, рече Мицкоски од општина Петровец, одговарајќи на новинарско прашање.
На прашањето како го коментира ставот на претседателот на Собранието, Талат Џафери дека ќе се гласа тогаш кога ќе има две-третинско мнозинство за уставните измени, Мицкоски оценува дека борбата кај поединци во Владата е како да се помине месец август, бидејќи како што вели, се под притисок за избори наесен.
Ова е лично политиканство како уште месец-два да бидат на функција и да ги управуваат патничките возила на пријателите. Тоа е суштината. Ова веќе не е процес за уставни измени, кажа Мицкоски, додавајќи дека неговите пратеници ќе бидат присутни на пленарната седница на 18-ти август кога ќе се расправа за уставните измени и ќе гласаат против дневниот ред кој ќе ја вклучува точката од потребата за отворање на Уставот.