Рекорден број жени, христијани, етнички Курди и Ерменци влегуваат во новиот турски парламент по изборите на 7 јуни. Тоа е голема промена за земјата каде долго време на барањата за разновидност се гледаше како на закана за националното единство, коментира агенција “Ројтерс”.
Едно од лицата на промените неспорно е 27-годишната Дилек Оџалан, внука на лидерот на курдските бунтовници Абдула Оџалан, кој е во затвор. Таа има 11 години, кога турски командоси го фаќаат чичко и во Кенија и го враќаат во Турција. Првично тој е осуден на смрт со бесење, но на крајот го праќаат во затвор на островот Имрали. За многумина Турци денеска ова изгледа како друг свет.
“На прво место се сметам за претставник на жените и на младите”, вели Дилек Оџалан. “Може да сум курдка, но ќе ги претставувам сите експлоатирани, потиснати и игнорирани групи, сите луѓе, култури, вери и јазици”, додава таа.
Нејзиното влегување во парламентот би било незамисливо пред 10 години. Турскиот премиер, а веќе претседател Реџеп Ердоган започна преговори со Оџалан и неговата Курдската работничка партија (ПКК) и Дилек беше проводник на многу од пораките на чичко и.
Мировниот процес со Курдите, откако заврши насилството, кое чинеше 40 000 животи, се смета за една од либералните реформи од страна на Ердоган во првите години од неговото владеење. Не е јасно, меѓутоа каков ќе биде исходот од овој процес, забележува “Ројтерс”.
Иронично токму прокурдската Демократска партија на народите (ДПН) ја лиши партијата на Ердоган од мнозинството , а оттука ги поремети и неговите амбиции за претседателска република. ДПН привлече гласачи разочарани од се повеќе авторитарно управување на Партијата на правдата и развојот.
Последните избори бележат пресвртна точна во турската политика, коментира агенцијата. Во новиот парламент ќе има 97 жени, што е 17% од сите 550 пратеници. Овој наслов е многу поголем отколку во парламентите во Обединетите Арапски Емирати, Узбекистан и голем дел од Европа, покажуваат податоците на Светската банка.
“Во Турција се смета за луксуз жени да се занимаваат со политика. Ние ќе се бориме за да го промениме тоа”, вели Селин Доган, етничка ерменка од опозициската секуларна централно-левичарска Републиканска народна партија.
Партијата на правдата и развојот на Ердоган е единствената формација која ќе има помалку пратеници жени – од 46 пред 41 по изборите.
ДПН беше една од партиите, која кандидираше луѓе од различни етнички и верски малцинства. Еден од кандидатите на прокурдската партија беше Барис Сулу – активист, кој се надеваше дека ќе стане првиот турски пратеник, кој јавно ја објавил хомосексуалната ориентација. Сулу така и не успеа да влезе во парламентот.
Христијаните во новиот парламент ќе се четворица – двајца од Демократската партија на народите, и по еден од Републиканската партија и од партијата на Ердоган.
Трите милиони Роми во Турција за прв пат ќе бидат претставени од 38-годишниот Озџан Пурчу од Измир, бастион на Републиканската народна партија. Во парламентот ќе има и двајца претставници на малцинстовото језиди. Една од нив – Фелекнаш Уџа, поранешна германска европратеничка – сеуште се учи да зборува турски и сака да положи заклетва на родниот курдски.
Ерменците во новиот турски парламент ќе се тројца. “Не е важно колку Ерменци има во парламентот, од значење е нашата позиција”, вели идниот пратеник Гаро Пајлан.
