Пратениците одлучија да не се продолжи важноста на пасошите со старото уставно име

од Nikola Popovski
440 прегледи

Попладнево во Собранието не помина предлогот на дел од опозициските пратеници за измени на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија, со кои беше предвидено да продолжи важноста на пасошите со старото уставно име „Република Македонија“ до 31-ви декември 2024 година.

Од вкупно 100 пратеници, „За“ гласаа 46 пратеници, додека 54 гласаа „против“.

На прашањето дали мнозинството во законодавниот дом ќе даде поддршка за продолжување на важноста на патните исправи, претседателот на македонското собрание, Јован Митрески вчера одговори дека меѓународните договори не можат да се менуваат со друг закон.

Од ВМРО-ДПМНЕ уште преходно соопштија дека овие законски измени се единствениот излез од хаосот со турканиците и малтретирањата на граѓаните за вадење на лични документи.

Пратениците на 12 февруари оваа година по брза постапка ги изгласаа измените во законот за безбедност на сообраќајот, со што се овозможи датумите со важност на возачките дозволи со старото име на државата, наместо 12 февруари, да продолжат да важат до 31 декември 2024 година.

На 12 февруари оваа година истече периодот од пет години според одредбата од Договорот од Преспа потпишана во 2018 година, со која престануваа да важат патните исправи и документите за меѓународна употреба што го содржат старото име на државата.

Државата нема да ги извести другите земји дека престанува важноста на старите пасоши, но очекува флексибилност заради за проблемот со издавање нови пасоши, како што изјави неодамна министерот на надворешни работи Бујар Османи.

Слични содржини