Пратениците усвоија 27 амандмани за Предлог законот за македонски јазик

од Radmila Tasevska
193 прегледи

Пратениците денеска на седницата на Комисијата за култура усвоија вкупно 27 од 65 поднесени амандмани за Предлог законот за македонски јазик.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Велика Стојкова-Серафимовска, како еден од предлагачите на амандманите, посочи дека во член 4 став 1, точка 6 треба да стои дека е потребно задолжително изучување на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо во основно, средно и високо образование, како и негово изучување во дијаспората, а не како што сега е наведено во законот „и надвор од државата“.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, како предлагач на Законот, посочи дека поимот дијаспора е премногу општ односно не е доволно добро дефинирано што точно претставува дијаспора, и оти е подобро да се користи поимот „надвор од државата“.

Според пратеничката Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, поимот „надвор од државата“ не е правна синтагма и како таков не може да се користи во Уставот.

Пратениците од опозицијата инсистираа и во дел од членовите на Законот да се додаде зборот „македонистика“ како дополнително дообјаснување на одредени членови во законот, но со ова не се согласија предлагачите на Законот и ги одбија тие амандмани.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ како предлагачи повлекоа неколку амандмани бидејќи беа исти со амандманите предложени од владечката партија, кои беа усвоени.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараа во членовите на Законот да стои Републиката, наместо Северна Македонија за да нема повторување, но ова наиде на несогласување од страна на предлагачите на Предлог законот и овие амандмани беа одбиени.

Предлагач на законот е Министерството за култура, а целта е подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба во јавната и во службената комуникација, почитување и унапредување на јазичниот стандард и организирање активности во таа насока.

Со новиот закон, според предлагачот, ќе се прошират областите во коишто задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање текстови што се објавуваат: општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа,  службените документи и текстови на овие органи, но и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката.

Првата точка која беше на дневен ред на седницата, а се однесуваше на активностите за подготовка на Предлог-програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2024 година, веднаш беше затворена бидејќи рокот за кој беа дадени предлог заклучоците е поминат, и не се исполнети условите за гласање по истите.

Слични содржини