Сите ја почувствуваме тагата која е присутна во Истанбул, но треба да се каже дека безбедноста во Истанбул е воспоставена и денес животот во градот функционира без никакви рестрикции или вонредни постапки, вели во изјава за „Локално“ пратеникот и лидер на Партијата за движење на Турците, Енес Ибрахим, по вчерашниот терористички напад во Истанбул.
Ибрахим, кој моментално се наоѓа во Истанбул, информира дека и на аеродромот во Истанбул сѐ тече во најнормален ред.
-Сметам дека во ваквите околности и не треба да се создаде додатна паника, која е можеби и целта на ваквите кукавички напади. Според информациите кои ги добив од нашите официјални претставништа нема повредени македонски државјани. Моментално трае истрагата, а веќе има и приведени лица за кои постојат сомневања дека се вмешани во нападот, рече Ибрахим.
Тој очекува во најбрз можен рок целиот случај да се расчисти.
-Затоа и не би шпекулирал со детали кои сѐ уште не се потврдени од официјалните власти, истакна тој.
Ибрахим не сакаше да ги коментираше изјавите од Турција дека не прифаќаат сочувство од САД поради нивна наводна вмешаност во нападот.
Турската полиција ja уапси Ахлам Албашир, Сиријка осомничена дека ја поставила бомбата, како и 46 лица осомничени дека се вмешани во терористичкиот напад. Во моментов полицијата смета дека зад нападот стои Курдистанската работничка партија (ПКК), а наредбата за нападот е издадена во Кобане, курдски град во северна Сирија.
Македонското минситерството за надворешни работи попладнево соопшти дека има една повредена македонска државјанка после нападот, која индиректно се здобила со полесни повреди при турканици.
-Повредите биле предизвикани од турканиците настанати при оддалечување на луѓето од местото на експлозијата. Информираме дека без поголеми повреди е веќе вратена во земјата, појаснуваат од МНР.
Н.П.