Предлог одлуката на Владата да се продолжи рокот за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија во Скопје до 30 април годинава денеска е на дневен ред на собраниската Комисија за одбрана и безбедност и на Законодавно-правната комисија, по што за неа треба да се одлучува и на пленарна седница.
Во Собранието денеска седница ќе одржи и Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство која треба да расправа за Предлог законот за изменување на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, по скратена постапка, поднесен од пратениците Петар Ристески, Зоранчо Јованчев, Силвана Ангелевска, Олга Лозановска, Ане Лашкоска, Златко Пенков.
Законодавно-правната комисија, пак, на одделна седница треба да ги разгледа предлог законите за изменување и дополнување на законите за внатрешни работи и за полиција, во второ читање, предлог на законите за изменување на Законот за Царинската тарифа, на Законот за издавање на обврзници на Република Северна Македонија за денационализација, и на Законот за платниот промет, сите по скратена постапка. Дополнително, пред Законодавно-правната комисија е и Предлог законот за ратификација на Договорот за соработка во туризмот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово.