„Чекаме“ – вака денеска изјави министерот за правда, Игор Филков запрашан до каде е екстрадицијата на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се доживотно осудени за случајот ,,Монструм” за петкратното убиство кај Смилковското езеро. Тој потсети дека за тоа разговарал со неговата косовска колешка при последната меѓувладина седница меѓу Македонија и Косово.
-Таму процедурата е во тек и го чекаме исходот во секој момент. Кога ќе дознаеме, ќе дознаете и вие, кажа Филков.
Пред десетина дена, косовскиот премиер Албин Курти истакна дека ова е прашање и за судовите и јавните обвинителства на Македонија и Косово.
-Ние сме во ситуација кога имаме наследено старо прашање и тоа налага законски и судски третман за што нашите двајца министри даваат нивен максимум за што поскоро са се реши. Да им дадеме уште малку време да го решат и да се погрижат за проблемот, кажа Курти на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски.
Летово Министерството за правда повторно бара екстрадиција од Косово. Барањата се веќе доставени до Министерството за правда на Косово и се уште се чека одговор од нивна страна.
Последен пат, нивна екстрадиција беше побарана во 2018 година. Во 2021 година косовските власти ја одбија екстрадицијата за Исмаиловиќ, а за Демири немаше одговор. Министерот за правда Игор Филков штом стапи на функцијата изјави дека Демири и Исмаиловиќ не се гонат за други кривични дела во Косово.
Во судскиот процес за случајот познат како „Монструм“, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ. Обвинетиот Фејзи Азири доби 15 години затвор, а Хаки Азири 9 години. Ослободителна пресуда поради недостиг на докази доби единствено обвинетиот Сами Љута. Исмаиловиќ и Демири се обвинети дека се двајца од тројцата непосредни извршители на убиствата кај Смилковско езеро.