Правен експерт: Семејствата на загинатите на Титан немаат основа да го тужат OceanGate

од Stefanija Kuzmanovska
455 прегледи

Според правен експерт, семејствата на туристите кои загинаа минатата недела на подморницата Титан, немаат правна основа да поднесат тужба против OceanGate, доколку одлучат да го сторат тоа.

„Мислам дека воопшто немаат случај. Тие беа свесни за ризикот и го презедоа, па затоа не би требало да можат да ја добијат тужбата“, изјави за „Фокс њуз“ Ричард Дејнард, професор на Правниот факултет на Универзитетот Нортистон.

Дејнард ја спореди ситуацијата со компаниите за цигари. OceanGate беше отворен со ризиците, тие споменуваат потенцијална смрт три пати на првата страница од договорот.

„Компаниите за цигари со години им кажуваат на луѓето дека цигарите се во ред и дека навистина нема никакви опасности“, рече тој и додаде дека верува оти сопствениците на тутунски производи ги ставаат на ризик своите клиенти, но не и самите себе. Тој истакна дека основачот на OceanGate, Стоктон Раш, починал на подморницата.

„Раш всушност знаеше многу за тоа што го прави, така што ова беше доволно безбедно штом тој бил подготвен и самиот да влезе. Затоа, мислам дека е многу тешко да се каже дека компанијата постапила непромислено бидејќи извршниот директор на компанијата бил таму долу со нив“, рече Дејнард.

Според Дејнард, тужбата би била остварлива само ако може да се докаже дека патниците биле измамени или ако може да се докаже дека Раш постапил непромислено.

Истакна дека патувањето е поврзано со ризици и дека ситуацијата не може да се спореди со обичните патувања како што се крстарења или летови со модерен авион. Наместо тоа, тој го спореди со времето кога браќата Рајт поканија туристи во експерименталната фаза на тестирање на авионот.

„Ова е очигледно нешто експериментално. Тоа е нешто што очигледно ја развива технологијата и видот на нашата технолошка имагинација и луѓето беа многу свесни за тоа и свесно ги потпишаа документите“, рече Дејнард, кој верува дека можеби е тешко за семејствата да најдат адвокати за да го преземат случајот.

Слични содржини