Православните верници денеска го слават Богојавление – Водици, празник поврзан, според верувањата, со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан.

Водици или Богојавление – денот на кој според христијанското предание Св. Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Се прославува на 19 јануари кај црквите што го користат јулијанскиот календар (вклучувајќи ја и македонската), а на 7 јануари кај црквите што го користат грегоријанскиот календар). Со тоа му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.

Водици се празнува два дена. Првиот ден 19 јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден 20 јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици. Како што забележал Кузман Шапкарев во минатото во Скопје бил познат обичајот капење на младоженците. Првиот ден од празникот ги бањале зетовците и машките деца првенци, а вториот ден невестите и женските деца, исто така, првенци. Овој обичај се изведувал на тој начин што ги носеле на реката Вардар, а таму попот по специјален обред ги попрскувал со светена вода. Познато е дека на првиот ден од празникот по коледица одат само мажите, а вториот ден само жените.

Денес традиционално, во Македонија во речиси сите населени места, свештениците го фрлаат ритуалниот крст во некоја поголема вода – река, езеро или базен, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот. Се смета дека на тој ден сите води се крстени и исто така оној што ќе го најде крстот ќе биде среќен во следната година.

Овој ритуал го симболизира влегувањето на Христос во реката Јордан.

Слични содржини