„Да не се повтори, нека им е вечна славата“, се зборовите што можат да се слушнат за време на комеморацијата за починатите кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Како дел од одбележувањето на годишнината од трагедијата во дискотеката „Пулс“, во Паркот на револуцијата во Кочани беа поставени 63 бели столчиња како симболичен спомен на жртвите. На столчињата се напишани името, годината на раѓање на секој починат и бела роза.
Столчињата се свртени кон родителите и семејствата кои седат пред нив, оддавајќи им почит на своите починати деца.
Овој настан е дел од меморијалната програма по повод годишнината наречена „63 бели столчиња – 63 животи“, со цел да се зачува споменот на оние кои трагично починале.
Родителите на жртвите гледаат кон небото со солзи во очите и се прашуваат – зошто нивните најблиски не се вратија дома таа ноќ?
Настанот, организиран од Општина Кочани и од родителите на загинатите, почна во 8:45 часот и претставува дел од централната програма за одбележување на годишнината од трагедијата.
При приемот на гости и делегации за комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“, која почна во 10:30 часот во Центарот за култура „Бели мугри“, утрово, пред овој визуелен споменик, посветен на недовршените соништа на прерано починатите, отворена е и книга на жалост.