ПРАЗНИЦИ СЕ БЛИЖАТ: Еве колку луѓето во Германија планираат да потрошат за божиќни подароци

од Vladimir Zorba
12 прегледи

Мнозинството во Германија не планира да потроши повеќе пари од лани за претстојниот Божиќ. Според истражувањето, 83 отсто од испитаниците ќе купуваат подароци, пренесува германската новинска агенција dpa.

Сепак, само 9,4 отсто велат дека ќе потрошат повеќе или значително повеќе отколку во 2023 година.

Најголем дел, дури 53,2 отсто, планираат да потрошат иста сума како и минатиот Божиќ, покажува истражувањето на Институтот Yougov за Postbank.

Од друга страна, речиси една третина од анкетираните, 32,8 отсто, сакаат да ги намалат трошоците. Кај испитаниците со месечен нето приход помал од 2.500 евра, дури 45,2 отсто планираат помалку подароци.

Кога станува збор за сумата, 22 отсто од испитаниците велат дека ќе се вклопи во износ од 100 до 200 евра. Речиси иста сума, 20,8 отсто, има намера да потроши од 200 до 400 евра, при што оваа група главно ја сочинуваат семејства со малолетни деца.

Околу 21 отсто од испитаниците планираат да потрошат помалку од 100 евра, додека 10,5 отсто немаат намера воопшто да трошат. 6,7 отсто од нив изјавиле дека едноставно не можат да си го дозволат тоа.

Севкупно, се поголем број потрошувачи се оптимисти за нивната идна финансиска состојба, според одделот за истражување на Deutsche Bank.

Уделот на оние кои позитивно ја оценуваат својата финансиска иднина е зголемен во однос на лани за речиси пет процентни поени, на 47,7 отсто. Истовремено, уделот на песимистите падна на 38,9 отсто, наспроти 45,4 отсто една година порано.

Анкетата опфатила 2020 луѓе, а била спроведена од 11 до 12 ноември.

Слични содржини