Пречекан првиот лет од Софија со воден мост во форма на виножито

од Nikola Popovski
396 прегледи

ТАВ Македонија, утринава во 5 часот и 48 минути, на Меѓународниот Аеродром Скопје, со воден мост во форма на виножито го пречека првиот комерцијален лет од Софија на компанијата „Гуливер“.

Бугарската авиокомпанија слета со авион од типот ATR 72 – 600, со капацитет од 70 патници, со што го означи почетокот на нивното комерцијално работење на македонскиот пазар.

„Од денеска, 26-ти март, Скопје и Софија ќе бидат поврзани со авиолинија, два пати неделно, секоја сабота и секој понеделник. Среќни сме што GullivAir почна да лета до и од скопскиот аеродром и покрај тековната криза со ковид-пандемијата. Летот трае само 30 минути. Веруваме дека оваа авиолинија има огромен потенцијал, како и за туристички, така и за деловни патувања, како за посета на главните градови на двете земји, така и за продолжување на патувањата до други подалечни дестинации, во други странски земји. Оваа авиоконекција ќе придонесе не само за развојот на македонското воздухопловство, туку и за економската соработка меѓу двете земји. Се радуваме и очекуваме долготрајна и силна соработка и многу среќни и задоволни патници“, изјави Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија.

„Среќни сме за воведувањето на новиот редовен лет меѓу Софија и Скопје. Портфолиото на редовни летови на GullivAir сега се зголемува за 3 нови авиолинии (Бургас, Скопје, Тирана), додека во средината на летото очекуваме да ги претставиме нашите нови редовни прекуокеански летови до Њујорк и Њу Делхи. Ова ќе им овозможи на граѓаните на Северна Македонија и нивните гости да истражуваат нови дестинации кои се достапни само со лет од 30 минути до Софија и поврзување со Црното Море – или до аеродромот во Бургас. На релација Софија-Скопје ќе летаме два пати неделно, во понеделник и во сабота, со авион со 70 седишта во економска класа. Летот ќе трае само 30 минути, со што се создава погодна врска меѓу двата главни града, на кои во последните 15 години им недостигаше директна воздушна линија. Веруваме и очекуваме плодна соработка со ТАВ Македонија и скопскиот аеродром. Посебна благодарност до Министрите за транспорт и на Северна Македонија и Република Бугарија.“, изјави Георги Колев, извршен директор на GullivAir.

Првиот лет од Софија до Скопје беше на 11 февруари. Авионското поврзување меѓу двата главни града на Северна Македонија и Бугарија е првиот конкретен чекор на соработката што ја најавија по првата средба премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков што се одржа на 18 јануари годинава во Скопје. Една недела подоцна, на 25 јануари, двете влади во Софија одржаа заедничка седница и потпишаа два документа за зајакнување на инфраструктурното поврзување на двете земји, за директна авиолинија Скопје – Софија и за железничкиот Коридор 8.

Слични содржини