Пред главнат зграда на Министерството за внатрешни работи во Скопје, денеска протестираа 35 кадети кои сè уште не биле повикани да потпишат договор за работа, а годинава успешно ја завршиле полициската обука.

„На конкурсот кој беше распишан за вработување на 600 лица, досега беа повикани 565 колеги да потпишат договори. Ние не бевме ниту последни на ранг листата, ниту ни недостигаа бодови. Бараме да се почитуваат правилниците и нашите договори за обука. Нема да дозволиме без објаснување да не остават на улица. Бараме одговор зошто не сме повикани на работа”, порачаа денеска на протестот Дарко Петковски и Димитар Рафајловски.
Побарале средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, но не успеале да стапат во контакт со него. „Бараме одговор дали сме одбиени, бидејќи останатите колеги беа повикани, само ние останавме“, велат тие.
Се обратиле и до двата полициски синдикати, по што одлучиле проблемот да го изнесат во јавноста.