Бајрам Бегај преку видео- порака до албанските гласачи апелираше на 14 мај да се гласа со потребната одговорност.
-Серијата предлози што ги слушавте неколку недели за време на изборната кампања е веќе затворена. Сите вклучени во изборите зборуваа како што сакаа, кога сакаа и со неизбежен интензитет на партиски предлози. Сега сите мора да молчат, затоа што вие ќе зборувате! И ова е суштинско, вашиот глас, вели Бегај во видео-пораката објавена на Фејсбук.
Претседателот оцени дека “локалните избори даваат можност за директно подобрување на просторот за живеење”.
– За неговиот квалитет ќе бидат одговорни претставниците кои ќе ги изберете на 14 мај. Тие ќе имаат обврска за добро управување со локалните ресурси и преку нив да создаваат нови можности за развој за идни проекти за локалната самоуправа. Затоа ве замолувам одговорно да го дадете вашиот глас, без да го занемарите овој многу важен момент за нашите градови и заедници. Гласајте и бидете сигурни дека ќе бидете слушнати утре и во наредните денови, рече Бегај, во пораката до граѓаните.
Тој ги потсетува сите раководители на институциите задолжени со законот за непречено одвивање на изборите, нивната голема одговорност да биде одлучувачка во заштитата на гласот и во натамошната консолидација на демократијата.
– Ве молам да бидете на висина на овој предизвик, кој им го должиме на сите албански граѓани, особено на младата генерација. И должиме на надежта на албанската дијаспора чии очи и срце се вперени кон татковината и на сета голема работа што е направена без разлика на политичкото крило за обезбедување на плурализам и демократија во Албанија, рече претседателот.
Бегај ги повика граѓаните масовно да излезат и слободно да го дадат својот глас.
– Посакувајќи ви многу среќа во вашето семејство, заедница и во вашите каузи, ве повикувам да го искористите сето наше право да ја изберете алтернативата за која секој мисли дека ги исполнува неговите лични очекувања, ја завршува својата порака пред неделните локални избори шефот на државата Бегај.