Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски информира дека во текот на вчерашниот ден кога загинаа мајката и ќерката при пад од балкон во скопско Тафталиџе, во 12 часот и 5 минути била примена пријава во полиција поврзана со расправија меѓу сопружниците. Во 12:19 часот, полицајци биле упатени на лице место, при што бил извршен разговор со сега починатата Ивана која изјавила дека немало физички контакт помеѓу неа и нејзиниот сопруг и дека се работело за недоразбирање кое го решиле по мирен пат и дека не бара полициска интервенција ниту било каква постапка.
-Таа навела дека брачните односи ги решава преку бракоразводна постапка. За наведеното е сочинета службена белешка која што е потпишана од сега жртвата. По ова, Ивана се упатила кон станот на булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“ каде што подоцна се случил трагичниот исход, кажа министерот, додавајќи дека сопругот е во полициска станица и против него ќе биде поднесена кривична пријава.
-Појаснувам во врска со пријавениот настан на 2.3.2026: Се откажувам од пријавата односно појаснувам дека меѓу нас немаше физички контакт, се работеше за мало недоразбирање со мојот сопруг и истото го решивме по мирен пат. Не барам никаква полициска постапка и понатамошно полициско постапување. Настанот не сакам да го пријавам како семејно насилство – работите ќе ги средам по мирен и ќе се разведам, рече Тошковски, цитирајќи ја изјавата на Ивана Стојановска на денот пред да почине.
Според информациите од Министерство за внатрешни работи, во СВР Скопје против Стојанче Јовановски се евидентирани десет кривични пријави за дела од областа на насилен криминал, имотни деликти и недозволена трговија со дрога. При едно од апсењата биле пронајдени 20 пакувања со дрога, по што МВР поднело кривична пријава до Јавното обвинителство. Обвинителството побарало мерки на претпазливост, кои биле изречени од надлежен суд.
Во текот на 2025 и 2026 година, како што посочи министерот, биле регистрирани повеќе пријави за нарушени односи и физички напади меѓу сопружниците, при што полицијата постапувала. Сепак, во сите случаи пријавите биле повлекувани, а сега починатата Ивана се откажувала од понатамошно водење на постапките.
Истрагата продолжува, а јавноста очекува одговори дали сите институции постапиле соодветно во случајот што заврши со двојна трагедија.