Предавање на претседателот Пендаровски на Државниот универзитет во Тетово

од Radmila Tasevska
145 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска го посети Државниот универзитет во Тетово и одржа предавање пред студентите и наставниот кадар.

Говорејќи за македонската држава која од создавањето до денес е мултиетничка, мултикултурна и мултирелигиозна, претседателот Пендаровски посочи дека за земјата се важни два аспекти на кои се темели државата, односно дека меѓуетничките односи мора да бидат стабилни и да постои продуктивна меѓуетничка кохабитација. Во спротивно, додаде претседателот Пендаровски, ако има мајоризација на едни врз други, ќе има тензии и проблеми. Вториот аспект е дека Македонија мора да биде дел од евроатлантските интеграции.

„Одиме на Запад затоа што во Западна Европа и во Америка се наоѓаат најбогатите општества, најдобрите демократии, најдобрите универзитети, најдобрите здравствени системи, најнезависните правосудни системи и најслободните медиуми. Не постои ни еден пример во историјата на човештвото, а особено во 20 и 21 век, една држава да е економски просперитетна, а да не е демократија”, потенцираше претседателот Пендаровски.

Претседателот Пендаровски образложи дека единствено преку компромис може да одржуваме стабилни меѓуетнички односи и целосно да се интегрираме во главните институции на Западот. Во оваа насока, претседателот Пендаровски посочи неколку документи коишто се резултат на компромис, а кои биле клучни за стабилизација и развој на државата. Првиот компромис, истакна тој, е Охридскиот рамковен договор, а вториот, Преспанскиот договор кој овозможи државата да влезе во НАТО и требаше да ни обезбеди и членство во Европската Унија. Но, влезот во ЕУ, потенцираше претседателот Пендаровски, е закочен поради нелогични барања од соседна Бугарија.

„На македонските националисти не можеш да им објасниш дека ако шест или седум народи кои се веќе во Уставот не ја растуриле државата, 12 нема да ја растурат државата, исто така. Меѓутоа тоа е работа за којашто јас ќе се залагам. Зошто е многу важно да влеземе во ЕУ? Во Европска Унија мора да бидеме, пред сè, за да научиме како  да ја организираме државата и општеството и за неколку години да биде исто рамниште на денешните развиени демократии. За да дојдеме таму мораме да го направиме и овој компромис”, рече претседателот Пендаровски.

Во своето предавање пред студентите претседателот Пендаровски се осврна и на, според него, најголемиот проблем во земјата, односно јазикот на национализмот за кој рече дека ги загрозува темелите на државата.

„Со национализам немаме добра демократија, со национализам сигурно немаш добри меѓунационални односи и со национализам нема да направиш ниту еден компромис кој мора да ги направиме за да бидеме дел од развиениот демократски свет. Во Македонија малку луѓе останавме и ако не се почитуваме меѓу себе со сите свои етнички, јазични и други специфики, нема да има среќа за никој од нас”, заклучи претседателот Пендаровски.

Интересот на студентите беше главно насочен кон причините поради кои нивните врсници масовно се иселуваат од државата, а од претседателот побараа и мислење како да придонесат кон градење на подобро, заедничко општество. Во оваа насока претседателот ги повика младите да бидат активни и гласни, да се организираат и да протестираат за секоја грешка на политичарите. Прашан за високиот степен на корупција во државата, претседателот Пендаровски истакна дека корупцијата не може да се искорени или барем да се сведе на минимум, ако нема санкции и казни.

На Државниот универзитет во Тетово претседателот Пендаровски, исто така, оствари средба со ректорот Јусуф Зејнељи и претседателот на Сенатот, Вулнет Амети на која беше информиран за функционирањето, тековните активности, досегашните успеси и идните планови на оваа образовна институција. Истовремено, во рамки на Универзитетот, претседателот Пендаровски ја посети и Лабораторијата за испитување и контрола на градежни материјали. Со професорите и студентите претседателот разговараше за нивните активности во насока на вршење контрола на квалитетот на градежните материјали.

Слични содржини