Мочуриштето во близина на рускиот град Томск настанало пред 10.000 години со спојување на 19 помали мочуришта и денес поради големата количина тресет има ефект на земјин „фрижидер“.
Русите сакаат да создаваат и да се фалат со големи нешта – топови, споменици, па дури и мочуришта. Едно такво е Васјуганското мочуриште кое е сместено во Западен Сибир и зафаќа површина од 53.000 км2, колку за споредба тоа е колку две Македонии.
Мочуриштето кое настанало пред 10.000 години не престанува да се шири и во последниве 500 години неговата површина е зголемена за дури 75 проценти и никој нема намера да го запре процесот. Дури планирана е номинација на мочуриштето за главниот попис на Светски природни реткости од УНЕСКО. Причината за тоа е нејзината важност за целата планета. Имено таа е голем извор на слатка вода со повеќе од 800.000 езера, а покрај тоа има ефект на земјин „фрижидер“. Имено тресетот од мочуриштето како сунѓер постојано го впива јаглеродниот диоксид и други токсични материи од атмосферата, со што го успорува глобалното затоплување и го исполнува воздухот со кислород.
Сепак никој не живее во нејзина близна, иако таму во 19век се криеле прогонетите староверци. Во дамнешната 1882 година Руското географско друштво истражило дали таму живеат луѓе и откриле дури 726 лица меѓу кои и мали деца. Ако некој сака да го посети мочуриштето мора да се движи низ него со специјално оклопно возило, бидејќи лесно може да се заглавите во калта.
Русите имаат уште една причина поради која сакаат да го заштитат мочуриштето, а тоа е откритието на нафта во западниот дел, чија експлоатација остава траги особено во наслагите на тресет. Покрај тоа опасност се и ракетните носачи кои полетуваат од космодромот Бајконур, а несогорените материи кои се ослободуваат при полетувањето паѓаат во мочуриштето и го загадуваат со високотоксично и радиоактивно ракетно гориво. Смртоносната доза од оваа материја за човек е еден микрограм на литар вода.
Регионот околу Томск, градот кој е во близина на мочуриштето, се обидува да го промовира и привлече туристи со негова помош. Мочуриштето го нарекуваат светско чудо, а тоа често наидува на потсмев и зајадливи коментари.