Предлог за размена на затвореници меѓу САД и Русија: „Трговецот на смртта“ за кошаркарка

од Stefanija Kuzmanovska

Администрацијата на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, ставила на маса предлог со цел од Русија да се вратат ѕвездата на женската кошарка Бритни Гринер и затворениот Американец Пол Вилан, изјави државниот секретар Ентони Блинкен во средата.

Блинкен не даде детали за предложениот договор, но откри дека тој го вклучува осудениот руски трговец со оружје Виктор Бут, кој е на врвот на листата на желби за размена на затвореници во Русија, пренесува Си-Ен-Ен.

– Што се однесува до претседателот Бајден, се разбира, тој не само што беше директно вклучен во процесот, туку и ги потпишува сите предлози што ги даваме. Очекувам да разговарам со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во наредните денови за прв пат од почетокот на војната – рече Блинкен.

Државниот секретар додаде дека главната цел е да се вратат затворените американски државјани дома.

– Ќе покренам прашање што е наш врвен приоритет, ослободувањето на Американците Пол Вилан и Бритни Гринер, кои се неправедно затворени и мора да им се дозволи да се вратат дома – продолжи Блинкен.

Тој тогаш изјави дека Русија има конкретна понуда на маса.

– Пред неколку недели ставивме важен предлог на маса за да го олесниме нивното ослободување. Нашите влади постојано и директно комуницираа за тој предлог – заклучи Блинкен.

Гринер, која играше за Екатеринбург во руската лига, беше приведена откако цариниците рекоа дека на московскиот аеродром во февруари во нејзиниот багаж пронашле полнење за електронски цигари со масло од марихуана, што е строго казниво во Русија.

Рускиот трговец со оружје Виктор Бут, кој е познат по прекарот „Трговецот на смртта“, во 2012 година во САД беше осуден на 25 години затвор под обвинение за нелегална продажба на оружје од милион долари.

Неодамна, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захраова, ги „провика“ САД и јасно стави до знаење дека Русија нема да го следи нивното водство во легализацијата на марихуаната за рекреативни цели.

Слични содржини