Предлог-закон за стратешки инвестиции во Северна Македонија на седница на Владата

од Vladimir Zorba
120 прегледи

Владата денеска ќе одржи редовна седница на чиј дневен ред се точки од областа на земјоделството, урбанизмот, екологијата и економијата.

Како што информира владината прес-служба, на предлог на Министерство за транспорт и врски, Владата треба да го утврди текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште.

На дневниот ред на денешната седница е и точката за давање согласност за распишување на Jавен оглас бр.03/19 за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над три хектари по пат на електронско јавно наддавање.

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска на седница на Владата ќе презентира Информација за Амандманот од Монтреалскиот протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка (Кигали, 2016), со Предлог-одлука за пристапување на Република Северна Македонија на Амандманот кон Монтреалскиот протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка и со Предлог-закон за ратификација на Амандман кон Монтреалскиот протокол.

Членовите на Владата треба да ја разгледаат и информацијата за Предлог-закон за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија.

На оваа редовна 167 седница, на предлог на Агенцијата за храна и ветеринарство министрите во владата ќе ја разгледаат информацијата за потпишаните договори помеѓу Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија и Центарот за проценка на ризик во ланецот на исхрана на Република Бугарија, и меѓу Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија и Агенцијата за безбедност на храна на Република Бугарија за соработка во областа на безбедноста на храната и ветеринарната политика.

Слични содржини