Предлог-законот на СДСМ за минимална плата денеска пред пратениците

од Nikola Popovski
25 прегледи

Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи новата 19. седница. Пред пратениците како точка од дневниот ред на оваа седница е и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, поднесен по скратена постапка од пратениците на СДСМ.

Со законското решение се очекува висината на минималната плата во Република Северна Македонија да изнесува 27.700 денари во нето износ. Како што се посочува во законското решение објавено на собраниската веб страна, примената се очекува да започне да се применува со исплатата на плата за месец ноември 2024 година која ќе се исплати во месец декември 2024 година. Спроведувањето на овој закон ќе предизвика финансиски импликации врз Буџетот на Република Северна Македонија во висина од 93 000 000 денари.

Од Сојузот на синдикатите изминатиов период бараа Владата во првите 100 дена да ја зголеми минималната плата на 450 евра, обраложувајќи дека таа е најниска во регионот и премалку за да овозможи достоинствен живот на работниците. Според нив, минималната плата треба да биде основна плата под која не смее да се исплати ниту една плата во државата.

Податоците од Сојузот на синдикатите покажуваат дека речиси 35 илјади работници во државата работат за минималец или до минимална плата. Девет илјади работници примаат плата од еден денар до 22.576 денари.

Минималната плата во моментов е околу 370 евра. Минималната плата во Црна Гора изнесува 450 евра, Србија 423 евра, Босна и Херцеговина 450 евра, Словенија 1.253 евра (бруто), а Албанија 385 евра.

Износот на минималната нето-плата во Хрватска од 1 јануари следната година треба да се зголеми за 80 евра, од годинашните 670 на 750 евра или за 15 отсто.

На дневен ред е и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, поднесен од пратениците на СДСМ по скратена постапка.

Со Предлог-законот се зголемува стандардот на граѓаните, им се овозможува поголема потрошувачка кошничка на најранливата категорија на граѓани. Со законските измени се очекува основните производи за човечка исхрана да се ослободуваат од повластена даночна постапка од 5 проценти.

Со членот 2 се воведува нов член 30-г со кој се уредува дека основните производи за човечка исхрана се ослободуваат од плаќање на данок на додадена вредност врз прометот и увозот и дека Владата ги определува поблиските добра и услуги кои спаѓаат во оваа категорија.

Исто така, пред пратениците се најдат и неколку закони во прво и во второ читање, како и Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво за 2023 година и Финансискиот план на Јавно радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2025 година.

Слични содржини