Предлог законот за амнестија е поминат на Влада и е доставен до Собрание, а се очекува да се најде на дневен ред на пленарна седница во четврток, потврди заменик министерката за правда Викторија Аврамовска.
-Многупати имам кажано дека постојат и други алтерантивни мерки, дека не мора со Законот за амнестија да се испразнат, тоа може да биде и условен отпус, пробација и тогаш мислам дека многу многу повеќе ќе се намалат затворите, бидејќи и анализите на Управата за извршување на санкции покажаа дека станува збор за многу помал број на затвореници кои би ги напуштиле затворите со овој Предлог закон, изјави Аврамовска денеска во Охрид пред отпочнувањето на работилница за дигитализација на судството.
Во однос на инсистирањето на првиот човек на Министерството за правда за носење на овој закон, Аврамовска појаснува дека Законот за амнестија од Министерството за правда е предложен со цел да може да се намали бројот на осуденици во казнено поправните установи, којшто во моментов е прилично голем. Притоа таа наведува дека единственото нешто што во јавноста е коментирано е дека кога ќе се донесе тој закон, одредени случаи што се од јавен интерес, ќе може да предизвикаат незадоволство. Најавува дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман.
-Не е добро тие осуденици да излезат. Затоа со нашата пратеничка група тогаш се разговараше дека може да се предложи амандман којшто ќе го спречат излегувањето, бидејќи станува збор за предмети кои се од јавен интерес, како што во јавноста се побуди за „Монструм“, а од страна на нашата пратеничка група нема да биде дозволено. Значи ќе се достави амандман како што и веќе претходно беше кажано, рече Аврамовска.
Министерството за правда предлага да се ослободат од затвор осудени за лесни кривични дела со затворска казна до 6 месеци. За тие кои што се осудени над 6 месеци се предлага намалување на затворската казна за 30 отсто.
Според објавениот предлог закон за амнестија со намалувањето на затворски казни нема да бидат опфатени оние кои се осудени на доживотен затвор, како и за кривичните дела убиство, измами при избори и гласање, мито и корупција силување и семејно насилство, злоупотреба на службена должност или измама со пари од европски фондови.
Амнестијата нема да се однесува за осудените за злоупотреба на службена должност. За осудените и обвинетите за злоупотреба на службена должност е предвидено намалување на затворската казна со друг закон, односно со измените на кривичниот законик за кој пристигнаа критики од меѓународната заедница во однос на начинот на кој беа донесени и што тие ќе значат за случаите со висока корупција.
Во моментов во државата има 2.345 осудени лица, од кои 250 се осудени на затворска казна до 6 месеци, што значи дека тие, доколку се изгласа законот, би излегле на слобода.
Закон за амнестија беше донесен и пред пет години, на почетокот на 2018 година. Тогаш имаше поголема јавна дебата – дали треба да им се простува казната на сторители на кривични дела во име на немање простор или подобра ресоцијализација.