Денеска пратениците ќе дискутираат за предлогот за избор на Ристо Пенов за министер за локална самуправа.
Тој е предложен за ова министерско место откако досегашниот министер за локална самоуправа Горан Милевски на 20 септември годинава поднесе оставка од функцијата од лични причини.
Пенов е поранешен градоначалник на Скопје и има најдолг мандат на таа позиција (1996-2005). Беше претседател на ЛДП во два мандати до 2007-ма година.
Досега не бил министер или функционер во владата, а во два мандати до 2011-та година беше пратеник. По смената во ЛДП таа година, Пенов повеќе време посвети на бизнисот отколку на политиката во која не беше активен.
Собранието ја констатира оставката на Милевски
Вчера на собраниската седница која првично беше закажана за 11:00 часот, но од технички причини беше двапати одложена – за 13:00, па за 16:00 часот. Претседателот на Собранието, Талат Џафери најпрво објасни зошто се доцнело со седницата и рече дека за тоа ќе има целосен извшетај, а потоа ја констатираше оставката на досегашниот министер за локална самоуправа, Горан Милевски.
Џафери информира и дека Милевски нема да ја образложи оставката.
-Имам обврска да соопштам дка пради технички проблеми и преоптовареност на системот за управување со пленарните седници беше неопходно одложување на седницата, за што ќе има и посебен извшетај, рече Џафери.
„Бекатон политичарот Ристо Пенов не е нов лик, туку човек од транзицијата“
Владата тоне сѐ подлабоко, бекатон политичарот Ристо Пенов не е нов лик, туку човек од транзицијата, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
Оттаму посочуваат дека тој ќе остане запаметен како градоначалникот во чие време беше целосно распродаден имотот на скопјани.
-Во време на Пенов се прави најголемиот грабеж во Скопје, се приватизираат Топлификација, Скопски пазар, Градски аптеки, ГТЦ. Пенов како градоначалник ја извади коцката од Плоштад и постави босански плочки кои набргу потоа се искршија. Во време на Пенов поради неквалитетна изведба се оштети Камени мост, од каде во 2002 во Вардар падна Стражарската кула.Ристо Пенов ќе остане запаметен и како градоначалникот кој направи булевар кој завршува во куќа, што е случај со Водњанска, која е една од најтесните грла во Скопје. Пенов не е политичар со кој СДС може да се пофали, но во очај и неспособност, и него се трудат да го претстават како нов лик. За нивна жал, скопјани не забораваат, наведено е во соопштението.