Предложен новиот состав на Антикорупциската комисија

од Nikola Popovski
267 прегледи

Ревизорите Татјана Димитровска, Цвета Ристовска и Зоран Богоевски, вработените во антикорупциската комисија Билјана Каракашова Шулев и Бесник Џемаиљи, судијката Софија Спасова Медарска и Сервет Демири од ревизијата на претпристапната помош за ЕУ се предложени за нови членови на комисијата за борба со корупцијата.

Ранг-листата со нивните бодувања беше објавена пред полноќ. За да станат членови на ДКСК нив потоа треба да ги изгласаат пратениците на пленарна седница.

На конкурсот распишан од Собранието се пријавиле 57 кандидати од кои за 15 било констатирано дека немаат комплетна документација или несоодветно образование.

За нови антикорупционерка се имаа пријавено Софија Спасова Медарска, судијка од Основниот Граѓански суд Скопје и сопруга на адвокатот Филип Медарски. За ова место претендира и Славица Андреевска, судијка од Основниот Кривичен суд, која неодамна не беше избрана за судијка во Апелацискиот суд од страна на Судскиот совет, а набрзо треба да замине во пензија.

На листата имаше и две поранешни судијки. Маја Малахова беше кандидат и за претходниот состав на Антикорупциската комисија, во 2019 година. Таа беше  разрешена од судиското место во 2002 година а потоа стана претседателка на Државната комисија за жалби по јавни набавки. На конкурсот се пријавила и Татјана Михајлова, која во 2021 година беше разрешена од Судскиот совет за нестручно и несовесно работење.

Освен нив, за претседателско место во ДКСК се кандидирал Борис Кондарко, член на Државната изборна комисија и поранешен пратеник.

На конкурсот биле пријавени и адвокатите Сузана Јошевска – Атанастасовска и Кимо Чавдар. На листата може да се најде и колумнистот Даут Даути, поранешен член на Комисијата за лустрација, понатаму Магдалена Чижбаноска Вангелов, има вработени во Државниот завод за ревизија, но и вработени во Антикорупциската комисија, како Билјана Каракашова Шулев.

Новата комисија треба да почне да функционира на 8-ми февруари.

Мандатот на актуелните членови на Комисијата истекува на 7 февруари следната година и тие немаат право на повторен избор.

Слични содржини