![]()
Радмила Шеќеринска, носител на кандидатската листа на СДСМ и здружената опозициска коалиција во изборната единица 5 од Кичево денеска порача дека мора да се запре масовното иселување на младите со покачување на платите и отворање на што повеќе работни места.
– Денеска сме во Кичево каде што граѓаните се соочуваат со истите проблеми како и низ цела Македонија. Еден од нив се катастрофалните услови во здравството, рече Шеќеринска на средбата со граѓани во овој град.
Таа го посочи и износот на гарантираната плата како дел од нивната изборна програма „План за живот“ во Македонија.
– Ние во нашиот план за живот во Македонија гарантираме минимална плата која ќе изнесува 16.000 денари, секоја година ќе биде зголемена и ќе обезбедиме на крајот на мандатот просечната плата во РМ да изнесува 30.000 денари, рече меѓу другото носителот на листа од СДСМ и здружената опозициска коалиција во изборната единица 5, Шеќеринска на средбата со граѓани организирана на градскиот плоштад во Кичево.

Владина поддршка за сите домашни и странски компании кои планираат да инвестираат во стопански капацитети во руралните средини, најави денеска носителот на третата изборна единица Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека Свети Николе има многу населени места кои се уште се живи и имаат потенцијал.
– Сите села од Свети Николе ќе бидат дел од т.н. рурална зона во која домашните и странски компании кои ќе инвестираат ќе добијат поддршка од 20 отсто грант од државата за инвестицијата, голем број даночни ослободувања, ослободување од царина за машините кои ќе ги увезуваат за инвестициите, ослободување 50 отсто за придонесите во следните десет години, како и целосно ослободување од персонален данок и данок на добивка во следните десет години, рече Димовски.
Тој оставри средби со жителите на Свети Николе, пред кои ја презентираше програмата на владејачката партија.

Носителот на листата за пратеници од здружената опозиција предводена од СДСМ во Шестата изборна единица Петре Шилегов денеска имаше средби со граѓаните на Тетово.
Шилегов одржа прес-конференција на кружниот тек на крстосницата од булеварот „Маршал Тито“ и улицата „Јане Сандански“ во центарот на градот, на која рече дека владејачките партии не воделе грижа за загадувањето и оти Тетово и Македонија, согласно извештаите на сите релевантни светски куќи, се најзагадените подрачја во Европа и светот. Според Шилегов, градот е загаден и покрај тоа што веќе е затворен ХЕК „Југохром“ од Јегуновце, кој се сметаше за една од причините за загадувањето на Тетово.
– СДСМ има план за заштита на здравјето на граѓаните од оваа еколошка катастрофа. Нудиме поволни кредити за сите фирми што ќе ги запазуваат европските стандарди за еколошкото здравје на граѓаните. Меѓу другото и за „Југохром“ предвидуваме таков посебен третман со цел и да работи комбинатот и луѓето и во истовреме да не ја загадува околината во Тетово, рече Шилегов и ги повика граѓаните да присуствуваат на митинзите на здружената опозиција.
Шилегов со дел од кандидатите за пратеници делеше флаери и разговараше со жители на Тетово по булеварот „Маршал Тито“, го посети и се сретна со претставници на Здружението на глуви, наглуви, слепи и слабовидни лица во нивните простории во Тетово, како и со бранители.

Носителот на листата за пратеници од коалицијата „За подобра Македонија“ во Шестата изборна единица Влатко Ѓорчев денеска посети повеќе населени места и индустриски капацитети во општина Брвеница каде промовираше дел од проектите од изборната програма.
– Промовираме повеќе проекти меѓу кои еден од поголемите на ниво на држава е за набавката на механизација за земјоделците. Досега државата покриваше 50 отсто од трошоците, а 50 отсто остануваше на самите земјоделци. Сега, државата ќе го зголеми своето учество и ќе покрива 60 отсто од сумата за набавка на земјоделска механизација, трактори, приколки и цела друга низа на земјоделски машини, изјави Ѓорчев.
Тој додаде дека ќе се зголеми и учеството на државата на 60 проценти при осигурувањето на посевите – Ова се две добри, позитивни мерки за земјоделците, рече Ѓорчев.
Најави и завршување на канализациската мрежа во Брвеница, асфалтирање на повеќе улици и изградба на градинка. Го презентираше и проектот за отворање на рурални економски развојни зони со кој се предвидува поволностите што ги имаат странските инвеститори во технолошко равојните индустриски зони, да бидат и за секое рурално место во Македонија, со цел, како што рече Ѓорчев, да се отвараат нови погони и нови вработувања.
Ѓорчев денеска ќе се сретне и со жителите на Челопек, Седларце и Радиовце, ќе ја посети конфекцијата Империјал во Брвеница, земјоделската задруга Единство од Челопек и неколку други фирма, а потоа слични средби ќе има и во општина Маврово Ростуше.

Носителот на кандидатска листа во петтата изборна единица Здравко Савевски од Левица, денеска пред Клиничката болница во Битола изјави дека треба да запре трендот на заминување од државата на квалитетни кадри од јавното здравство.
Според него, за решавање на овој проблем најнапред треба да се зголемат платите на здравствените работници.
Посочи дека бараат да запре преминот на лекари од јавното во приватното здравство, но и да се заузда приватното здравство со високите и неконтролирани цени на услугите.
– Приватните болници си дозволија да наметнат високи цени и тоа мора да прекине, односно мора да се воведат регулирани цени на здравствените услуги и во приватното здравство. Не може една услуга што се плаќа по една цена за истата услуга во приватното здравство да се плаќа 10 пати повисока цена. На овој начин ќе се спречи нелојалната конкуренција на приватниот здравствен сектор во однос на јавниот, додаде Савевски.
МИА