
Носителот на листата за пратеници на СДСМ во Шестата изборна единица Петре Шилегов денеска оствари средби со граѓани пред седиштето на општинската организација на партијата во Гостивар.
Шилегов изјави дека на средбите разговарале за проблемите коишто ги имаат гостиварци.
– Средбите ги започнавме со групата којашто е најмногу манипулирана. Им објаснивме дека Владата не им ги зголемува пензиите, туку тоа е обврска којашто мора да ја спроведе, рече Шилегов.
Тој, коментирајќи ја вчерашната изјава на неговиот противкандидат и носител од листата од коалицијата „За подобра Македонија“ Владимир Ѓорчев, рече дека изминатите десет години биле доволни за да се реализираат гасификацијата и изградбата на патиштата што ги најавуваат.
Шилегов, како што е најавено, ќе оствари средби и со жители од селото Беловиште, а попладне СДСМ ќе одржи предизборен собир во Центарот за култура АСНОМ.

Носителот на изборната листа од втората изборна единица од Коалицијата „За подобра Македонија“ Никола Тодоров и кандидатите за пратеници од оваа изборна листа ги презентираа проектите од програмата „Реално“.
Тодоров истакна дека во рамки на мега проектот за набавка на медицински апарати за сите здраветсвени установи во вредност од 33 милиони евра за целата држава, предвидено е набавка на апарати и за општата болница во Куманово, во вредност од над 900.000 евра.
Посочи дека предвидена е набавка и на нов мамограф, со кој ќе се замени дотраениот, стар триесет години апарат со нов дигитален мамограф.
– Ќе биде ставен во функција за потребите на жените во Куманово и поширокиот регион, имајќи предвид дека ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жените и од тој аспект констатиравме дека има сериозна потреба за обнова на оваа апаратура која што ја имаме во општа болница Куманово, но е веќе застарена и искористена, рече Тодоров.
Во рамките на проектот за набавка на опрема, појасни Тодоров, ќе се набават и дигитални рентгени, повеќе типови на ехо апарати, опрема во делот на гинекологијата, што е неопходна за сериозно подигнување на квалитетот на услуги што се даваат во здравствената установа.
– Во Куманово почнуваме со изградба на нов ургентен центар, веќе сите процедури се завршени и многу скоро ќе започнеме со реализација на она што е ветено во програмата, а тоа е изградба на нов ургентен центар за општата болница Куманово, со што сериозно ќе се подигне нивото на целата општа болница во Куманово, изјави Тодоров.

