Иницијативата „Учебници и настава мора да има“ најави бојкот на наставата во училиштата, поради новата концепција на образованието на Министерството за образование.
Велат, не се направила евалуација, истражување ниту пак имало согласност од родителите за спроведување на новите реформи.
-Веќе неколку месеци водиме борба против овие реформи и воопшто не сме слушнати како родители и со тоа ни е одземено правото како родители да одлучуваме за образованието на нашите деца. Затоа утре, на 6 септември ние ќе ја бојкотираме наставата, со тоа што се известени сите основно училишта со допис на нивните официјални е-маил адреси. Ова ќе биде предупредувачки бојкот за понатамошните наши активности, изјави Драгана Спасевска, иницијатива „Учебници и настава мора да има“.
Спасевска потенцира дека не сакаат дигитализација и бараат хартиени учебници во вистинска смисла на зборот.