Во 2022 година може да има недостиг од една до две милијарди шприцеви потребни за давање вакцини против Ковид-19, предупреди денеска Светската здравствена организација (СЗО).
Тоа може да влијае и на рутинските имунизации и да ја загрози безбедноста на иглите, додаде СЗО, пренесува Ројтерс.
Националните здравствени власти треба однапред да ги планираат своите потреби за да избегнат „акумулација, панично купување и тип на ситуација“ забележани на почетокот на пандемијата со недостаток на лична заштитна опрема, рече експертката на СЗО, Лиза Хедман.
„Можеме да имаме глобален недостиг на шприцеви за имунизација, што пак може да доведе до сериозни проблеми како што се забавување на напорите за имунизација, како и безбедносни грижи“, рече Хедман.
Недостигот, додаде таа, може да доведе до одложување на рутинските вакцини, особено за децата, а исто така може да поттикне небезбедна повторна употреба на шприцеви и игли, особено во посиромашните земји.
На глобално ниво, дадени се околу 6,8 милијарди вакцини против Ковид-19, што е речиси двојно повеќе од бројот на рутински вакцини, рече Хедман, споредувајќи го со вкупниот производствен капацитет од околу 6 милијарди шприцеви за имунизација годишно.
„Тоа значи дека светот може да се соочи со недостиг од две милијарди шприцеви следната година“, изјави Хедман.