ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: Светот има една година пред постојните вакцини да престанат да бидат ефективни

од Vladimir Zorba
190 прегледи

Бројни светски епидемиолози, вирусолози и специјалисти за инфективни болести тврдат дека светот има една година или помалку пред вакцините од првата генерација против коронавирус да станат недоволно ефикасни или не почнат да бараат модифицирани верзии, пишува „Гардијан“.

Научниците веќе подолго време посочуваат дека се потребни глобални напори за поорганизирана и побрза вакцинација со цел задоволително неутрализирање на заканата во форма на Ковид-19. Загриженоста се јавува како резултат на нови мутации на коронавирусот кои се појавуваат и се шират, а некои се позаразни, погубни и поотпорни на постојните вакцини.

Неповолната прогноза, која му дава рок на светот помалку од една година, беше поддржана од дури две третини од испитаниците во истражувањето спроведено од People’s Vaccine Alliance, во кое беа вклучени 77 научници од 28 земји. Скоро една третина од нив изјавија дека временската рамка е најверојатно девет месеци, можеби и помалку.

Ниската стапка на вакцинација во многу земји ја остава отворена можноста за појава на мутации отпорни на вакцини, велат 88 проценти од испитаните научници.

„Нови мутации се случуваат на дневна основа. Понекогаш тие наоѓаат ниша што ги прави „поуспешни“ од нивните претходници. Таквите варијанти може да се пренесат поефикасно и потенцијално да се избегне имунолошкиот одговор стекнат од претходните соеви“, рече Грег Гонзалвес, вонреден професор за епидемиологија на Универзитетот Јеил, јавува „Гардијан“.

„Ако не го вакцинираме целиот свет, го оставаме теренот отворен за се повеќе мутации, што може да произведе варијанти кои ќе бидат отпорни на сегашните вакцини и ќе им требаат зголемени дози“, додаде тој.

Тековните видови на вакцини кои добиле итно одобрување во различни делови на светот се комбинација на стари и нови технологии. Од особен интерес е mRNA пристапот кон вакцините, користен од Pfizer и Moderna, кој релативно брзо може да се прилагоди на новите варијанти (во рок од неколку недели или месеци), но проблемите со производството и дистрибуцијата се камен на сопнување.

Но, она што е клучен проблем е тоа што е малку веројатно овие вакцини да станат достапни за најсиромашните земји, со оглед на тоа што станува збор за поскапи вакцини кои имаат високи барања кога станува збор за складирање.

Во меѓувреме, богатите земји како Велика Британија и САД веќе вакцинираат повеќе од една четвртина од нивната популација со најмалку една доза и обезбедија стотици милиони материјали. Наспроти ова, земји како Тајланд и Јужна Африка не успеаја да вакцинираат ниту еден процент од нивната популација. Исто така, некои земји допрва треба да ги примаат првите вакцини.

Повеќето се потпираат на програмата Ковакс, глобална коалиција за набавка на вакцини за сиромашните земји, чиј план е да доставуваат вакцини на најмалку 27 проценти од населението во земјите со ниски примања во 2021 година.

„Итноста за што побрзо вакцинирање на населението, што ја гледаме во богатите земји, кои имаат намера да ги вакцинираат сите возрасни до летото, едноставно не е одржлива на глобално ниво. Наместо тоа, го имаме Ковакс, чија цел е можеби 27 проценти до крајот на годината, но дури и ако дојде до тоа – не е доволно добро“, рече Мек Лоусон, претседател на People’s Vaccine Alliance.

„Каде е амбициозната глобална цел, за која науката ни кажува дека е неопходна? Мислам дека тоа е клучната работа, но не гледаме дека таков план засега постои. Ограничената вакцинација е доста опасна”, додаде тој.

Слични содржини