Предупредување на десетици експерти за вештачка интелигенција: „На човештвото му се заканува изумирање“

од Stefanija Kuzmanovska
418 прегледи

Вештачката интелигенција може да доведе до изумирање на човештвото, предупредија десетици експерти во заедничка изјава, вклучително и шефовите на OpenAI, компанијата зад ChatGPT и Google DeepМind, пренесува Би-Би-Си.

„Ублажувањето на ризикот од истребување предизвикано од вештачката интелигенција треба да биде глобален приоритет, заедно со другите ризици како пандемии и нуклеарна војна“, се вели во соопштението објавено од Центарот за безбедност на вештачката интелигенција (CAIS).

Тоа е непрофитна организација со седиште во Сан Франциско, која верува дека вештачката интелигенција има потенцијал да биде длабоко корисна за светот, „под услов да можеме да ја развиеме и користиме на безбеден начин“, се вели на официјална веб-страница на CAIS.

И претходно имаше предупредувања

Меѓу потписниците на изјавата се Сем Алтман, извршен директор на ChatGPT, Демис Хасабис, извршен директор на Google DeepMind и Дарио Амодеи од американскиот стартап за вештачка интелигенција, Антропика. Изјавата ја поддржа Џефри Хинтон, таканаречениот „кум на вештачката интелигенција“, кој претходно предупреди за ризиците што таа ги носи со себе.

Хинтон, кој ја создаде основната технологија за системи за вештачка интелигенција, изјави за „Њујорк Тајмс“ минатата година дека напредокот во областа значи „длабоки ризици за општеството и човештвото“. Меѓу другото, тој предупреди за потенцијалното ширење на дезинформации создадени од вештачката интелигенција, велејќи дека просечниот човек „повеќе нема да може да знае што е вистина“.

Дали стравовите се претерани?

Во исто време, некои експерти веруваат дека стравовите за вештачката интелигенција се претерани. Арвинд Нарајанан, компјутерски научник од Универзитетот Принстон, претходно за Би-Би-Си изјави дека сценаријата за катастрофи се само одвлекување на вниманието.

„Сегашната вештачка интелигенција не е ни приближно способна да ги материјализира тие ризици“, рече тој за Би-Би-Си. „Како резултат на тоа, вниманието е пренасочено од краткорочните штети на вештачката интелигенција“, додаде тој.

Отворено писмо на Маск

Приказната за наводната „егзистенцијална“ закана – во форма на вештачка интелигенција – се појави минатиот март кога група експерти за вештачка интелигенција, вклучително и Елон Маск, потпишаа отворено писмо во кое повикуваат на пауза во развојот на напредната вештачка интелигенција.

Слични содржини