Курдската група поврзана со забранетата во Турција Работничка партија на Курдистан ја презеде одговорноста за нападот во Анкара, при што во средата загинаа 28 лица.

“Вечерта на 17 февруари во Анкара беше извршен самоубиствен напад од бомбаш самоубиец против воен конвој на фашистичката Турска република. Нападот беше извршен од бесмртниот баталјон на Сокол за слободата на Курдистан”, се вели во соопштението на групата.
Тие упатија и предупредување до сите странски туристи и ги повикаа да не ја посетуваат Турција:
“Туризмот е главна цел, која се стремиме да ја уништиме. Ги предупредуваме странските и домашните туристи да не ги посетуваат туристичките области во Турција. Не сме одговорни за оние кои сакаат да загинат при напади насочени против овие области “, се вели во соопштението на групата.
Претходно турската полиција уапси вкупно 17 лица осомничени за нападот извршен во средата вечер во Анкара, во кој загинаа 28 лица, а истрагата е речиси завршена, соопшти денеска главниот обвинител на Анкара Харун Кодалак.
Уапсените, чии имиња не се соопштуваат, се уапсени во седум окрузи на земјата и силите на редот трагаат по уште еден осомничен, прецизира обвинителот.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган вчера рече дека бројот на уапсените е 14, но додаде дека очекува нови апсења.
Целата земја им оддаде почит на убиените во нападот.