Германија ќе воведе привремени гранични контроли како дел од зголемените безбедносни мерки за време на Европското фудбалско првенство на кое е домаќин, изјави министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.
Европското започнува на 14 јуни и се очекува да привлече 2,7 милиони навивачи на стадионите и до 12 милиони на разни јавни настани низ целата земја.
„За ЕП уште посилно им се придружуваме на силите на безбедносните власти и се подготвуваме за можни закани“, изјави Фезер за весникот „Рајнише пост“.
„За време на турнирот ќе спроведеме привремени гранични контроли на сите германски граници за да спречиме влез на потенцијално насилни актери“, додаде таа.
Ова е реакција на масакрот на концертот во Москва во кој загинаа најмалку 139 лица, а 180 беа ранети. Западните разузнавачки служби го поврзаа нападот со милитантната група Исламска држава, а Франција по нападот објави дека го подигнува предупредувањето за терористичка закана на највисоко ниво.
Германија веќе има привремени контроли на границите со Полска, Чешка, Австрија и Швајцарија како дел од нејзината борба против бандите шверцери на мигранти.