Додека беше на чело на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп постојано предупредуваше и се закануваше дека ќе се повлече од НАТО. Говореше дека ќе ги натера Европејците да платат за американската воена заштита и постојано ја доведуваше во прашање посветеноста на Америка кон суштината на Северноатлантската алијанса – ветување содржано во членот пет од договорот кој предвидува дека „вооружен напад против една или повеќе членки од Европа или Северна Америка ќе се смета како напад на сите држави-членки“. Минатата недела Трамп на предизборен митинг во Јужна Каролина рече дека, како претседател, ги предупредил сојузниците во НАТО дека ќе ја „охрабри“ Русија „да прави што сака“ со оние земји кои „не ги платиле сметките и не вложуваат доволно во своите војски и одбрана“.
Таа негова изјава предизвика вознемиреност низ Европа кај членките на НАТО, кои и веќе се загрижени за можноста Трамп повторно да стане претседател на Америка. На последниот самит, членките на НАТО го обновија своето ветување дека ќе потрошат најмалку два отсто од БДП за својата војска, но не беше наметнат рок за постигнување на таа цел.
Македонија оваа година треба го исполни стандардот на НАТО и да достигне распределба на два отсто од бруто домашниот производ за одбраната, а така да биде и 2025 година. Издвојувањата на Македонија во 2023 година беа 1,85 отсто, односно 274 милиони евра.
Дали Трамп навистина „би ги фрлил земјите на милост и немилост“ на Путин?
Според дел од експертите и аналитичарите, тесната изборна трка во САД во паралела со отворен конфликт на европско тло, се несекојдневна комбинација и реториката за домашна употреба неретко има далекусежни меѓународни последици. Оттука и реакциите низ европските престолнини. Но ако зборуваме за правецот на САД, важно е да се има на ум државното уредување и дека иако претседателот е клучна полуга на надворешната политика, функцијата претседател не е единствена и со неограничени овластувања, вели во разговор за „Локално“, експертот за безбедност, дезинформации и комуникации, Емир Хасановиќ.
Според него, Конгресот, Сенатот, но и чинителите од извршните власти како што се Пентагон, Стејт департментот, безбедносно-разузнавачката заедница и други засегнати страни имаат конзистентни видувања за трансатлантското партнерство, европските сојузници и вредноста на НАТО во рамки на безбедносната архитектура на САД.
-Овие ставови се градени со подршка од двете идеолошки матрици во САД. Поранешниот претседател Доналд Трамп е неконвенционален кандидат, но сепак американскиот систем е мошне отпорен на централизирани одлуки без консултација. Од тие причини не очекувам големи теренски промени покрај реториката во поглед на безбедноста, истакнува Хасановиќ.
Поранешниот посебен советник на министерката за одбрана за време на зачленувањето во НАТО, оценува дека дискусијата за зголемувањето на буџетските средства за одбрана на НАТО членките не почнува со поранешниот претседател Трамп.
-Во 2006 на НАТО самитот во Рига за време на мандатот на претседателот Буш, бројката од 2% од БДП станува формална заложба на земјите членки. НАТО е механизм за колективна одбрана но и одвраќање на закани. Како таков, сојузот е силен онолку колку и најслабата карика што е директно поврзано со буџетските средства и трошењето на одбрана. Затоа повиците за зголемување на одбранбените буџети во Европа се долготраен став на САД поддржан од администрациите на поранешните претседатели Буш и Обама. Артикулацијата и директноста во случајот на Трамп е неконвенционална, па затоа имаме вакви реакции. Битно е да се напомене дека бројката од 2% е обврска на сите НАТО членки и очекувањата од САД се да се исполнат тие обврски, а голем број на членките на НАТО се под тој минимум, анализира соговорникот.
Во однос на тоа дали заканите од Трамп се однесуваат и на Македонија, Хасановиќ вели дека Република Северна Македонија во 2017 откако сериозно се зафати со зачленувањето во НАТО, направи долгорочен план за зголемување на буџетот за одбрана од 0.2% на годишно ниво до достигнување на целта.
-Тоа е рефлектирано и во Стратегискиот одбранбен преглед кој беше клучен документ за нашето зачленување во Алијансата. Од скромни 0.9% пред 2017, моментално алоцираме 327 милиони евра, односно рекордни 2.05% од БДП. Република Северна Македонија покрај своите внатрешни премрежја, сериозно го сфаќа стратешкото партнерство со САД и членството во НАТО што е рефлектирано во исполнувањето на оваа обврска и нашиот конзистентен придонес во меѓународните НАТО мисии. Овие 2.05% од БДП се распределуваат кон подобрување на интероперабилноста, подобррувањето на условите на војската, градење на капацитети на армијата, но и усовременување на воената опрема и наоружување. Ние не сме мета на оваа изјава на поранешниот претседател Трамп, туку нашата Армија е пример во рамки на Алијансата за тоа како се поставува и реализира план за зголемување на буџет за одбрана, дециден е експертот за безбедност.
Околу очекувањата што доколку Трамп стане претседател на САД и дали би можело да се случи некакво „историско доближување“ меѓу Истокот и Западот, Хасановиќ смета дека нема да има конкуренција за Нобелова награда за мир. Според него, нема човек во областа на безбедноста кој не е загрижен за геополитичката поларизација и тензиите во моментот.
-Истовремено, повеќето експерти на западот се сложуваат дека потклекнување пред оние кои го игнорираат суверенитетот на своите соседи и целокупниот меѓународен правен поредок не е гарант за долготраен мир и стабилност. Единствено нешто што би отворило можност за премостување на разликите не е една личност туку враќањето на целокупен пристапот на моќта на правото, а не правото на моќниот во меѓународните односи. Зборуваме за прашање на принцип, а не на поединци. Во прашање се крупни, да не речам непремостливи, цивилизациски разлики со големи влогови при кои е мошне деликатно да се изнајде прифатлив компромис, заклучува аналитичарот.
За време на неговиот мандат, Трамп често ги критикуваше членките на НАТО за нивното недостигнување на обврските за одбранбено трошење. Дури Трамп тврдеше дека неговиот притисок довел до зголемување на одбранбеното трошење од страна на земјите членки на НАТО, тврдејќи дека тие потрошиле „милијарди и милијарди“ долари повеќе како резултат на неговите закани, вели Пецо Трајкоски од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи во разговор за „Локално“. Од една страна, според него, изјавата може да се смета за блеф и предизборно привлекување на внимание наменето кон внатрешната публика.
-Од друга страна, таа може да се толкува како сериозно преиспитување на улогата на САД во НАТО, но верувам дека ѝ прави услуга на Европа која конечно мора да се замисли дали може да постои европски воен сојуз со никаква улога на САД. На крајот, без разлика дали изјавите на Трамп се сметаат за блеф или сериозна закана, тие несомнено ќе влијаат на дискурсот за безбедносната иднина на Европа, објаснува аналитичарот за безбедносна политика.
Како и другите членки, додава Трајкоски, Македонија е обврзана да ги зголеми своите одбранбени трошења со цел да го достигне овој целен износ од два процента од БДП.
–Изјавите на Трамп за условената поддршка на САД во случај на напад, врз основа на исполнувањето на финансиските обврски кон НАТО, теоретски се однесуваат и на Македонија како членка на НАТО. Сепак, изјавата не беше насочена кон конкретни земји, укажува соговорникот.
Во однос на „историско доближување“ меѓу Истокот и Западот, врз било какво доближување, вели Трајкоски, влијаат многу фактори, вклучително и внатрешните политики на земјите, меѓународните договори, и глобалните безбедносни предизвици.
Аналитичарот оценува дека на теоретско ниво, нов мандат на Трамп би можел да влијае на динамиката на односите меѓу Истокот и Западот, но конкретните ефекти би зависеле од широк спектар на политики и од тоа како тие политики би биле спроведени во пракса.
-Сепак, истокот не е само Русија, туку и Кина, БРИКС, а Трамп во претходниот мандат направи цела низа на чекори кои ги оддалечија овие земји. Кина е исто така битна, ако не и поважна од Русија на глобалната сцена. Верувам дека во следниот мандат ако тоа се случи, Трамп ќе биде порадикален од претходно и ќе се конфронтира со Кина бидејќи тоа го прави популарен во САД. Не очекувам суштинско доближување, напротив, светот ќе стане понепредвидлив, и нема да може да се смета на САД, објаснува Трајкоски.
Which NATO countries are spending the 2% 'minimum'… and which nations are relying on US and UK to protect them? Graphic shows how a third of Europe is not 'paying its bills' https://t.co/1hjEmKIk5P
— KulganofCrydee (@KulganofCrydee) February 13, 2024
Порталот „forces.net“ изнесе податоци од минатата година за средствата што секоја држава членка на НАТО ги издвојува за националната армија. Извештајот покажува дека само 11 држави издвоиле повеќе од 2 отсто од домашниот БДП, границата под која, интересно, е Франција (1,90 отсто), Норвешка (1,67 отсто) и Германија (1,57 отсто).
Полска и Грција се на самиот врв. Со 3,90 отсто од БДП, Полска издвојува уште повеќе од САД (3,49). На трето место е Грција со 3,01 отсто.
Земјите-членки кои граничат со Русија ги зголемија своите распределби на НАТО од почетокот на инвазијата. Така, Естонија издвојува 2,73 отсто од БДП, Литванија 2,54, Финска 2,45, Романија 2,44, Унгарија 2,43 и Летонија 2,07 отсто.
Обединетото Кралство со 2,07 и Словачка 2,03 отсто се над линијата.
Земјите членки кои не ја постигнаа целта се Франција (1,90), Црна Гора (1,87), Бугарија (1,84), Хрватска (1,79), Албанија (1,76), Холандија (1,70), Норвешка (1,67) , Данска (1,65), Германија (1,57), Чешка (1,50), Португалија (1,48), Италија (1,46), Канада (1,38), Словенија (1,35), Турција (1,31), Шпанија (1,26), Белгија (1,13 ) и Луксембург (0,72).
Руската инвазија на Украина во февруари 2022 година им даде дополнителен поттик на членовите да ги зајакнат своите армии.
Н.П.