Тетовската полиција информира дека утрово во 9 часот и 20 минути кај нив било пријавено дека има прегазено и усмртено мече на локалниот пат што ги поврзува тетовските села Селце и Вејце.
Како што информираа од ЦУК, екипа на МВР извршила увид на местото на несреќата, а телото на мечето е предадено на Агенцијата за храна и ветеринарство за дополнителни анализи.
Непознатиот сторител избегал од местото на настанот.
Ова не е прв случај на мечка да биде усмртена во сообраќајна несреќа. На почетокот на месецот, на регионалниот пат Тетово-Јажинце, кај селото Доброште, од Министерството за внатрешни работи информираа дека возило удрило во мечка и ја усмртило. Во сообраќајната несреќа немаше повредени лица, а причинета беше значителна материјална штета на возилото кое удрило во мечката.
Во општина Маврово и Ростуше, веќе секојдневие станаа „средбите“ меѓу локалните мештани и мечките. Последниот период, жителите на село Жировница, каде состојбата е најалармантна сведочеа дека веќе ги забележуваат првите материјални штети.