„Факт е дека преговарачкиот процес е во застој. И факт е дека СДСМ нема никако да прифати договор заради договор. Тоа не е опција. На Македонија и е неопходен беспрекорен предизборен и изборен процес.

Да не заборавиме, Македонија токму поради криминални избори е во вонредна состојба. Затоа се случи Пржино. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ нема да избегаат од договорот од Пржино. Во Македонија нема да се случат уште едни криминални избори», вели лидерот на опозицијата Зоран Заев во интервју за весникот «Слободен печат»
Во вторник на 15 декември ќе има лидерска средба за прашањета за составот на ДИК и прашањето за медиумите. Ова го соопшти првиот опозиционер Зоран Заев.
Според премиерот Никола Груевски, дали ќе „падне“ договор на лидерската средба зависи од СДСМ, за кои смета дека постојано ги опстуираат партиските разговори за имплементација на договореното. Последните преговори беа блокирани откако партиите не можеа да се договорат за трите експерти што ќе влезат во Државната изборна комисија, но премиерот вели дека не станува збор за тоа кој да се избере, а кој не. Туку, како што рече, се работи за максимален и очаен обид на СДСМ ова да им биде причина за одложување на изборите.
„СДСМ знаат дека ќе ги изгубат изборите. Тие не смеат јавно да кажат бидејќи ќе го деморализираат своето членство. Но, самите добро знаат дека ќе ги изгубат изборите. Ова е последен крик на СДСМ“, рече Груевски .
Од СДСМ, пак, инсистираат да се запазат критериумите за членовите на ДИК да имаат меѓународно искуство, учество на избори и непартиска припадност. Веќе рекоа дека меѓу 40-ината кандидати за 3-те места за експерти има сериозни кандидати, но обвинија дека за ВМРО-ДПМНЕ биле неприфатливи најквалитетните предлози.Тврдат направена е ранг листа според меѓународни и европски критериуми, но партијата на власт предлагала кандидати на кои единствена референца им е тоа што биле членови на избирачки одбори, а истовремено сакала да имаат контрола на пет кандидати во ДИК.
Според лидерот Зоран Заев, ВМРО-ДПМНЕ и повремено ДУИ се партиите што го опструираат договорот. Потенцира дека бираат независни, а не партиски експерти.
„Не бираме експерт од СДСМ, од ДУИ, експерт од ВМРО. Бираме експерти. Тројцата експерти треба да бидат подеднакво прифатливи за сите четири партии. Тое е кормилото на ДИК. Од нив на крајот зависат независните одлуки, покрај другите шест члена кои се претставници на власта и опозицијата. Ако го постигнеме тој момент, ако веднаш се зафати со работа ДИК, може да ги исполни сите претходни работи кои треба да ги заврши за да може да ги организира самите изборни процеси“, рече Заев.
Првиот социјалдемократ тврди дека од 40 кандидати, во еден момент се разговарало за 6 кандидати, за Македонци, Албанци и од помалите етнички заедници.
„Ако искрено се влезе и се испочитуваат рангирањата, критериумите и меѓународното искуство, воопшто искуството во избори, но и нивната неутралност како личности и експерти, тогаш многу лесно да се донесе решение. Сето друго останува одовлекување на процесот кој безобразно го прави ВМРО-ДПМНЕ, а понекогаш и ДУИ“, рече Заев.
Инаку, претходно на 27 ноември собраниската Комисија за прашања за изборите и именувањата ја утврди листата на кандидати за членови на Државната изборна комисија (ДИК). Тогаш беше речено дека откако ќе минат сите рокови за изјаснување на политичките партии, ДИК ќе го добие целосниот состав. На листата кандидати од партиските редови има пријавено 15 луѓе, околу четириесетина експерти и речиси сите од досегашниот состав на ДИК, со исклучок на претседателот Никола Рилковски. Од вкупно девет членови во ДИК – по двајца членови ќе има од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по еден од ДУИ и ДПА, и тројца експерти. Потпретседателот и претседателот ќе бидат токму од редот на експертите.
Лидерот на опозицијата, Зоран Заев сепак очекува наредната недела да се постигне договор за двете отворени прашања во политичкиот дијалог: реформа на медиумите и нов состав на Државната изборна комисија. Доколку лидерската средба, закажана за вторник, заврши со договор, Заев верува дека веќе по Нова Година, може да се очекуваат и првите ефекти, како што би била поотворена и побалансирана медиумска клима.