Нема изгледи и најави за обновување на прекинатите „преговoри за преговори“ од кои се очекуваше да ги седнат на маса лидерите на четирите политички партии, потписници на Договорот од Пржино. Нема ниту иницијатива за нови консултации ниту, пак, средби на пониските партиски ешалони.

collage-sekerinska-i-kotevski-860x680

Од преговорите, според заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, во моментов „нема ништо“. Тоа е нејзиниот одговор на прашањето дали има контакти меѓу претставниците на политичките партии и обиди за обновување на преговорите.

Министерот за здравство, Никола Тодоров, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на пунктот на Итната медицинска помош во скопско Глумово, рече дека очекува набргу да има напредок во преговорите меѓу четирите партии иако засега нема најави за нова лидерска средба.

– Засега нема најава за нова лидерска и не би требало да има сè додека нема нешто опипливо. Јас и пред некој ден кажав каде стои ВМРО-ДПМНЕ и каков е ставот на партијата во делот на избирачкиот список, така што очекувам дека многу бргу ќе има некаков напредок – рече Тодоров.

Од ВМРО-ДПМНЕ за „Мета“ велат дека нивните ставови околу преговорите се јасни, а причините за нивниот прекин ги лоцираат во опозицијата.

– Нашите ставови се познати и јавно ги соопштивме. Ние не бегаме од разговори. СДСМ нека даде предлог и методологија каква смета дека е потребна за прочистување на избирачкиот список и ќе разговараме. Но, предлози од нивна страна нема – ни изјави директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски.

Во меѓувреме, Европската Унија повторно ги повика партиите да почнат дијалог за создавање услови за веродостојни избори.

Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, на прес-конференција по завршувањето на Советот за надворешни работи на Европската Унија, вчера во Луксембург рече дека политичарите во Македонија мораат да се заложат за отворен дијалог и дека треба целосно да се имплементира Договорот од Пржино.

Минатиот четврток, СДСМ соопшти дека преговорите се прекинати затоа што ВМРО-ДПМНЕ не сака да разговара за спорните гласачи во избирачкиот список и за регулацијата на медиумската сфера.

Од владејачката партија, пак, рекоа дека замрзнувањето на дијалогот не е по нивна вина, туку дека СДСМ не го прифатило нивното барање, новинар и медиум да не можат да бидат казнети.

 

МЕТА

Слични содржини