Претседателот на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, Миле Талевски ја прекина денешната седница на која единствена точка на дневниот ред беше Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство на Република Северна Македонија, по скратена постапка, во второ читање, со појаснување дека не се створени деловнички услови за продолжување со работа и најави дека за продолжението на седницата пратениците – членови ќе бидат дополнително информирани.
– Доколку во моментот на работа претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, Тимчо Муцунси свика седница со точка на дневниот ред за ребаланс за буџет, Комисијата за одбрана и безбедност веднаш ќе биде прекината и ќе овозможи услови да се работи на Комисија за финансирање и буџет, појасни претходно Талевски по процедуралните забелешки од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека се прави преседан со закажувањето на оваа седница, во услови кога во собраниската Комисија за финансирање и буџет тече расправа по ребалансот на Буџетот.
Инаку, повеќе од еден час течеше расправа, главно процедурална, помеѓу пратениците од владеачкото мнозинство и опозицијата за тоа дали е преседан закажувањето на седница на оваа Комисија, кога во собраниската Комисија за финансирање, а која за денеска нема закажно седница, се расправа за ребалансот на буџетот.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараа да се прекине седницата на Комисијата за одбрана и безбедност за да можат сите пратеници кои се членови и на Комисијата за финансирање и буџет да учествуваат во расправата за ребалансот на буџетот. Пратениците од опозицијата бараа да бидат поканети и вклучени во јавна расправа експерти од оваа област, задолжително владан претставник да го образложи Предлог-законот, да присуствува претставник од МВР, а сметаат и дека овој Предлог-закон не може да биде донесен по скратена постапка.
Според пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, со денешната седница на Комисијата за одбрана и безбедност се прекршуваат шест членови од Деловникот на Собранието, меѓу кои и членот 120, став 4, во кој се вели дека покана за седница треба да има пет дена претходно пред одржување на седницата, како и член 36 од Законот за Собранието, во кој се предвидува дека петок е ден за средби со граѓаните во изборните единици каде се избрани пратениците.