Откако Доналд Трамп стана претседател на САД по втор пат, многу луѓе почнаа да се прашуваат дали е време да ги затворат своите кориснички сметки на „X“.
Таа платформа е во сопственост на милијардерот Илон Маск, контроверзниот технолошки магнат кој го поддржуваше Трамп за време на претседателската кампања. Меѓу другото, тој донираше повеќе од 132 милиони американски долари за кампањата на Трамп и другите републиканци.
Бројот на активни X корисници се намалува откако Маск ја презеде функцијата во октомври 2022 година. Од 368 милиони активни корисници таа година, тој падна на 162 милиони активни дневни корисници на денот на изборите во САД.
Ова беше најдобриот резултат оваа година, според податоците објавени од Sensor Tower. Ден по изборите, бројот на активни корисници падна за уште пет милиони.
Писателот Стивен Кинг, ТВ-новинарите Дон Лемон и Маја Север, како и весникот Гардијан, меѓу другите, се приклучија на егзодусот.
Доколку ви е преку глава од оваа мрежа, пробајте ги следните алтернативи:
Bluesky
Bluesky собра повеќе од милион нови корисници за само една недела по резултатите од изборите во САД. Вкупно шест милиони нови корисници за само два месеци. Бројот на месечни активни корисници достигна 15 милиони, што е значителна бројка, но сепак доста помалку од X.
Интерфејсот на Bluesky е многу сличен со оној на Twitter пред да биде преземен од Маск. Зад проектот стои поранешниот извршен директор на Твитер, Џек Дорси, кој го започна во 2019 година и во меѓувреме го напушти.
Bluesky стана достапен за сите дури во февруари оваа година. За разлика од X, Bluesky им дава на корисниците поголема контрола врз алгоритмот кој диктира што гледаат на нивните „фидови“.
Threads
Лансирана во 2022 година, платформата беше дизајнирана како алтернатива на Twitter (Х). Може да му конкурира на X во однос на активните корисници, во голем дел благодарение на поврзаноста со Instagram и неговите две милијарди активни корисници месечно.
Threads има сличен текстуален интерфејс со X, но со некои клучни разлики. Беше критикуван за ограничување на прикажувањето на ударните вести.
Mastadon
Децентрализирана платформа составена од стотици различни веб-сервери кои корисниците можат да ги истражуваат врз основа на нивните интереси.
Секој може да создаде еден од овие сервери, давајќи на страницата модел кој би можел да им биде попознат на оние кои користат форумски сајтови како Reddit.
Многумина ги пофалија можностите за дотерување на корисничкото искуство. Критичарите предупредуваат дека е премногу комплицирано за почетници и луѓе кои не се технолошки потковани.
Како да избришете корисничка сметка на X?
Пред да ја избришете вашата корисничка сметка на X, прво мора да ја деактивирате. Како го правите ова се разликува во зависност од тоа дали користите мобилна апликација или десктоп компјутер.
Во двата случаи, започнувате со отворање на Settings and Privacy. На вашиот компјутер, кликнете на копчето More, а потоа пронајдете Your Account. На дното на овој екран ќе ја видите опцијата Deactivate your account. Ќе се појави екран кој ги објаснува условите за деактивирање. Ако сакате да продолжите, кликнете на црвеното копче Deactivate.
Вашата сметка нема да биде трајно избришана, туку ќе остане деактивирана 30 дена. Само после тоа целосно ќе исчезне. Премиум корисниците можат да го продолжат периодот од 30 дена на 12 месеци.
Ако сакате да креирате нова сметка со истото корисничко име или адреса на е-пошта, ќе мора да почекате додека не заврши периодот на деактивирање. Можете да го избегнете чекањето со менување на вашето корисничко име или адреса на е-пошта пред деактивирање.
Ако сакате да ги вратите вашите податоци, мора да го сторите тоа пред да ја деактивирате вашата сметка. Тие ќе бидат недостапни по бришењето на сметката, пишува Independent.