Роднините на велешанката Пале (23) која е обвинета за убиство на својот вонбрачен партнер, полицаецот Александар Р.(40) со онлајн петиција бараат да биде ослободена, бидејќи, како што тврдат, убиството го извршила во самоодбрана, борејќи се за здив додека тој ја давел.
На веб страницата стои и фотографија од младата девојка, како и текст за нејзиниот живот.
„Млада девојка без грижа од родителите на 16-17 години пронаоѓа утеха во погрешна личност. Родители разведени, мајката болна, брат на мојот татко, нејзин татко сега веќе починат… сестра, со која не живее поради дотичниот, бидејќи после смртта на мојот чичко, сака целата куќа да биде префрлена на неговата девојка. Се влечат по судови, дотичниот ја напаѓа нејзината сестра со закани дека по секоја цена мора да ја препише куќата на сестрата, верувам за после тоа по секоја цена да и ја зема и да ја остави на патот. Поранешните жени имале каде да се вратат кај своите родители, а мојата братучетка останува сама заробена во сопствената куќа. Никогаш до сега се нема пожалено на никој дека е малтретирана, а притоа секогаш беше насмеана. Замислете со што се сама се справувала.. Не го поддржувам тоа што го направи, ама верувам дека секој човек би се борел за сопстевниот живот. Верувајте ми душата ме боли. Еве ви ја вистината и се надевам ќе се најдат добри луѓе кои би и помогнале, би се бореле за неа, до неа, да добие условна казна. Јас сум со неа, господ нека и е напомош, стои во објавата.
Убиството се случи пред три дена, кога 40-годишниот маж, кој инаку бил полицаец, дошол дома половина час пред полноќ, а три часа подоцна, повикана е брза помош, која констатирала смрт, поради убодна рана од нож во градите.
Одреден и е притвор од 30 дена.
За потсетување, во судското досие на полицаецот кој со години живеел во вонбрачна врска со Пале Иловска нема затворски казни, ниту дела како семејно насилство или насилство. Но велешкиот полицаец може да се најде во судски списи на повеќе предмети. Во два кривични предмети е осуден, во неколку граѓански парници е гонет од осигурителна компанија поради неисплаќање на отштета, а има добиено и две парници против МВР после што наплатил пари од полицијата како бонус плата и за неисплатени прекувремени часови.