За период од 9 години, преку нелегални канали од земјава се изнесени 5,2 милијарди долари, покажува истражувањето на „Глобал Фајненшал интегрити“. Според податоците презентирани во истражувањето, во просек годишно се изнесувани по 521 милион долари. Во истражуваниот период, од 2003 до 2012 годинаи, од земјава најмногу нелегални пари се изнесени во 2008 година, односно 928 милиони долари и во 2011 година 852 милиони долари.
Македонија, според рангирањето во истражувањето, е на 79. место по износот на изнесени нелегални средства во странство. Овие информации излегуваат на виделина откако Европската унија побара од швајцарската Влада да ги објави имињата на странски државјани кои имаат отворени сметки во швајцарски банки а кои се сомничат за затајување данок.
Во меѓувреме Истражувањето на Меѓународниот конзорциуим за истражувачко новинарство, неодамна ги потврди шпекулациите присутни со години, дека и Македонци чуваат големи пари (барем за наши услови) во швајцарски банки.
Истражувањето покажа дека во швајцарскиот огранок на британската банка ХСБЦ, која им помагала на богатите клиенти да избегнуваат плаќање даноци и да скријат милиони долари има и 9 клиенти од Македонија, кои на 15 сметки имале 164 милиони долари (11% имаат македонски пасош или се со македонска националност).
Она што посебно паѓа во очи е податокот од истражувањето дека само на една сметка, лице од Македонија има 54,6 милиони долари.
Сметките на клиентите од Македонија се отворени во периодот од 1988 до 2006 година.
Во периодот меѓу 2003 и 2012 година, најмногу нелегални пари од Македонија се изнесени во 2008 година, 928 милиони долари, и во 2011 година, 852 милиони долари.
Од државите во регионот, пред Македонија се Бугарија и Хрватска. Бугарија има просек од над 2,5 милијарди долари извезени по црни канали пари, a Хрватска која е на 49. место на листата е со 1,4 милијарди долари преселени илегални пари во странство.
По Македонија е Албанија и тоа на 115. место со 128 милиони долари во просек изнесени на нелегален начин од државата
