Преквалификација на кривичното дело во „Трезор“, ќе се примени поблагиот Закон

од Nikola Popovski
385 прегледи

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се одржала главната расправа за предметот со КОК бр. 214/22 од обвинителството означен како „Трезор“ на која Јавниот обвинител, имајќи ги предвид измените и дополнувањата на Кривичниот законик извршил прецизирање на обвинителниот акт како и преквалификација на кривичното дело од член 353 ст. 5 во став. 4, а во врска и со други членови, па врз основа на тоа побарал за обвинетиот Н.С. да се примени поблагиот Закон и судот да донесе соодветна одлука во правец на измените во КЗ.

Одбраната пак побарала од судот поблагиот Закон да се примени и за останатите обвинети, без разлика на прецизирањето на акт, за што судот ја одложил расправата за 24.11.2023 година во 09:00 часот за кога побара и Јавниот обвинител дополнително да се прозинесе за предлогот на одбраната.

-Главната расправа за предметот со КОК бр. 3/11 од обвинителството означен како „Талир“ беше одложена со оглед да непосредно пред расправата судот беше известен од надлежните Јавни обвинители дека еден од обвинителите е спречен да присуствува на расправата заради здравствени причини, а другиот заради службено патување. Заради тоа расправата ќе продолжи на 27.11.2023 година во 13:00 часот, стои во соопштението од Кривичниот суд.

Предметот „Трезор“ го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, ексшефот на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски беа обвинети дека предизвикале штета на буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на опрема за потребите на УБК. Според судот, обвинетите се договориле да купат опрема за потребите на МВР од британската компанија „Гама интернешнл“, а како посредник била искористена фирмата „Финзи“.

За овој предмет веќе имаше првостепена пресуда. Мијалков беше осуден на единствена казна затвор во траење од 8 години, а Грујевски, на кој му се судеше во бегство, беше осуден осуден на единствена казна затвор во траење од 15 години. Стајковиќ и Јакимовски добија затворски казни од по 5 години. Сепак, Скопскиот Апелационен суд ги прифати жалбите и ги укина пресудите. Предметот се врати на повторно постапување и одлучување пред Основниот кривичен суд во Скопје.

Слични содржини